Бугарско „не“ како истрел во празно

Бугарското тврдо „не“ за преговори на Македонија со ЕУ, условено со брутални барања за признавање на бугарските темели на македонскиот идентитет и јазик и политичко редефинирање на спораната историја на „Македонија како најромантичен дел на бугарската историја“, не може да биде третирано само како некаков изолиран случај во обидот за заштита на сопствени државни интереси.

Не стивнуваат жестоки реакции, оти станува сосема јасно дека Бугарија всушност не само што го уништува кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ, туку со исфрлање на контроверзни историски прашања во преден план ќе поттикне низа други билатерални „историски“ спорови  во регионот, кои на подолго време би го одвлекле фокусот од заложбите за натамошно забрзано интегрирање на Западен балкан во ЕУ.

Бугарската блокада не е единственото заканувачко мавтање со вето упатено кон Брисел од земји-членки од Истокот на ЕУ. Преку свое вето Полска и Унгарија сакаат да ги принудат останатите 25 земји членки да го олеснат исплаќањето на средства од енормниот корона-фонд на земји кои ги кршат ЕУ-барањата за почитување на владеење на правото и на демократските принципи. Нема никакво сомнение дека тоа уште повеќе ги заострува веќе присутните тензии во Унијата, туркајќи ја европската соработка прктично во длабок ќорсокак.

Моментно нема никаков одговор на прашањето како ова би можело да се реши. Да се каже само „не“ е едноствано, но не и конструктивно. И тоа од страна на земји кои по падот на Берлинскиот ѕид оставрувањето на своите аспирации за интегрирање во евроталантските структури ги врзаа за транзиција од комунизмот кон западната, граѓанска демократија, слободата на говорот и медиумите и почитувањето на човековите права.

Но развојот во источно-европските членки во последните години доживеа свртување во друга насока, при што унгарскиот премиер Орбан почна да ја отфрла граѓанската либерална демократија како „надраснат и надминат концепт“ на Европа, спротивставувајќи се на договорот на Унијата на сите членки, најпрвин околу солидарното прифаќање на мигрантите, а сега и со блокирање на буџетот и кризниот корона фонд за обнова. Според проценките на Европската комисија, доколку усвојувањето на повеќегодишниот буџет биде задоцнето, поради непопустливото противење на Орбан и неговиот полски колега Моравјецки, би се зголемиле ризиците околу 5.000 места за научни истражувачи да исчезнуваат секој месец, како и да бидат задоцнети над 100.000 пројекти што се финансираат со средства од европскиот буџет.

Но за Орбан и неговите пријатели, за кои не постои некаква објективна дефиниција за правна држава, чувството на одговорност не е толку важно, бидејќи „ЕУ сака да нè принуди да бидеме во систем во кој доминира идеологија“. Лекција за непочитување на принципите на правната држава неодмна од страна на Европскиот парламент ù беше одржана и на Бугарија.

„Сега не е време за вето. Нашите граѓани ќе платат висока цена поради блокирањето“, смета германскиот ЕУ-министер Рот. Таа земја што ќе го блокира буџетот, ризикува да предизвика лавина од ЕУ-вета во разни подрачја. А тоа е веќе мошне несреќен развој за евроинтеграциите. Бугарското вето за Македонија јасно го потврдува тоа. Лидерите на источноевропските ЕУ-членки со намуртени лица ги читаат извештаиите за корупцијата, неефикасноста и злоупотребите на европските пари од равојните структурни фондови. Но нивните граѓани сè почесто демонстрираат против незаситното богатење на владејачките елити, кои, кога се парви во прашање, немаат усул. ЕУ долго време ги туркаше проблемите под тепих. Најмногу поради нерешителноста и неусогласеноста на интересите кога станува збор за примена на санкции против кршителите на заеднички прифатените правила и принципи. Пукнатините на убавата фасада на ЕУ по сè изгледа веќе не можат успешно да се затскриваат.

Основниот принцип е мошне јасен и не е подложен на некакви разводнувачки преговори. ЕУ мора повторно силно да потенцира дека темелните демократски вредности се неповредливи, и едновремено да им покаже на граѓаните на источноевропските членки дека функционирањето на правната држава е од животна важност. А тоа тие би требало да го примат цврсто на знаење, и добро да размислат за кого следниот пат ќе го дадат својот глас на изборите.

Што се однесува до Бугарија, изборите ќе се случат таму веќе во март идната година. За очекување е дека уличните изливи на незадоволство и масовните протести во Софија против корумпираната политичка елита дотогаш нема да престанат. Па макар и актуелната бугарска влада да продолжи да манипулира во јавноста со македонсклото прашање „заталкано во историјата“. Бумеранг ефектот од бугарското вето многумина веќе сега го гледаат како пукање во празно, бидејќи направената штета повторно ќе биде предизвикана од истрел насочен во погрешна мета.

 

Ивица Челиковиќ

 

 

Back to top button
Close