Бунтовниците контролираат половина од градот Алепо

Бунтовниците предводени од исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТЦ) презедоа контрола над половина од градот Алепо, а при тоа не наидоа на никаков отпор, соопшти денеска Сириската опсерваторија за човекови права.

– Аеродромот во Алепо и сите патишта кои водат во градот се затворени, изјави неименуван воен извор.

Претходно, Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека џихадистите и нивните сојузници синоќа го зазедоа стратешкиот град Саракиб од владините сили. Саракиб е во покраината Идлиб, а со неговото заземање бунтовниците ќе можат да го спречат напредувањето на режимот кон Алепо.

Организацијата со седиште во Лондон, наведува дека од 27 ноември до денеска убиени се 277 луѓе, од кои над 20 биле цивили.

Бунтовниците предводени од ХТЦ пред три дена извршија упад во десетина градови и села во северозападната провинција Алепо, која е под контрола на Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад. Тие тврдат дека почнале офанзивата за „да ја одвратат агресијата“, обвинувајќи ја Владата и сојузничките милиции за ескалација на непријателствата.

Тоа е најголема воена акција против сириската Влада во изминатите години и бунтовниците првпат се борат против силите на претседателот Башар ал Асад во Алепо, откако сириската армија со помош на Русија и на Иран во голема офанзива ги протера од градот во 2016 година.

Сириски и руски авиони вчера извршија 23 воздушни напади во близина на Идлиб, при што загинаа четворица цивили, а повредени се 19 лица.

– Руските воздухопловни сили вршат напади врз опремата и персоналот на илегалните вооружени групи, врз позициите, резервите и артилеријата на терористите, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана, додавајќи оти во изминатите 24 часа биле „елиминирани“ 200 борци.

Идлиб е последното упориште на опозициските сили, главно контролирано од ХТС, но исто така е и засолниште на бунтовничките фракции поддржани од Турција. Борбите во Идлиб во голема мера престанаа во 2020 година, кога Турција и Русија, клучниот сојузник на Сирија, посредуваа за прекин на огнот за да го спречат притисокот на владата да ја врати провинцијата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков вчера истакна дека е нападнат суверенитетот на Сирија и изрази поддршка за „Владата на Сирија брзо да го врати редот“.

Граѓанската војна во Сирија започна во март 2011 година, а се проценува дека повеќе од половина милион луѓе, главно цивили, загинале во борбите, додека речиси половина од населението е раселено.

Back to top button
Close