ЦДУ на Мерц во „борба за опстанок“ пред покраинските избори во Магдебург-Западна Померанија

Конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц се соочуваат со „борба за опстанок“, изјави денеска водечкиот кандидат на ЦДУ во Мекленбург-Западна Померанија, на неколку дена пред изборите во оваа североисточна германска покраина, јави ДПА.
Даниел Петерс за ДПА изјави дека неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) е во „сериозна ситуација“, а најновата анкета покажува дека партијата би можела целосно да испадне од покраинскиот парламент на изборите на 20 септември.
Анкета што денеска беше објавена, а беше нарачана од германскиот јавен радиодифузер Зе-де-еф (ZDF) покажа дека ЦДУ има само седум отсто доверба, што би бил најлошиот изборен резултат на оваа партија во повоена Германија и е едвај над прагот од потребните пет отсто за освојување места во покраинскиот парламент, пренесува германската агенција.
Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) е далеку пред сите партии со 37 отсто доверба кај избирачите, само неколку дена по убедливата победа во блиската Саксонија-Анхалт, додека Социјалдемократите (СПД) се втори со 34 отсто доверба под водство на актуелната покраинска премиерка, Мануела Швесиг.
Петерс од ЦДУ во едно интервју повторно се обиде да се дистанцира од својот партиски лидер и колега Мерц, чиј рејтинг драстично опадна во последните месеци. Петерс потврди дека Мерц веќе нема да има предизборни настани во оваа покраина пред гласањето.
Канцеларот имаше само едно јавно појавување во Магдебург-Западна Померанија, и тоа минатата недела во Килунгсборн, каде што беше исвиркан и исмејуван.
„Во моментов, луѓето овде се многу разочарани од националната политика, а ние страдаме како резултат на тоа“, рече Петерс.
Изборите во Мекленбург-Западна Померанија се одржуваат на истиот ден со гласањето во покраината Берлин, каде што ЦДУ се бори да ја задржи градоначалничката функција во услови на тројна битка со АфД и Левицам потсетува ДПА.






