Цел свет зборува за изјавата на Макрон за испраќање војници во Украина: стигна појаснување од Франција


Францускиот шеф на дипломатијата денеска изјави дека неговата земја може да испрати војници со неборбена улога во Украина, сакајќи да ја разјасни изјавата на претседателот Емануел Макрон, од состанокот на 20 европски лидери во Париз еден ден претходно, дека Франција може да испрати војници до Украина.

„Мораме да размислиме за нови акции за поддршка на Украина. Тие мора да одговорат на многу специфични потреби, особено мислам на деминирање, сајбер одбрана, производство на оружје на лице место, на украинска територија“, им објасни Стефан Сежурн на претставниците во парламентот.
Според него, за некои од овие акции би било потребно присуство на украинска територија, но не и да се премине прагот на борби. „Ништо не треба да се исклучи. Тоа беше и се уште е ставот на претседателот на Републиката“, рече Сежурн.

Вчера Макрон ја отвори можноста за испраќање војници во Украина, нагласувајќи дека сè уште нема договор за тоа и дека сојузниците се согласуваат дека треба да се направи повеќе во врска со испраќањето оружје во Киев и тоа што е можно поскоро. Француските дипломати велат дека идејата на Макрон ќе ја разгори дебатата за ова прашање, но дека засега нема конкретни планови во таа насока.

Говорот на Макрон предизвика низа реакции кај сојузниците, со порака дека немаат намера да испраќаат војници во Украина. Берлин, Лондон и Мадрид денеска соопштија дека се против испраќањето војници на НАТО во Украина. Германскиот канцелар Олаф Шолц ги отфрли предлозите европските земји и членки на НАТО алијансата да испратат копнени сили во Украина.

Back to top button
Close