Цените на нафтата на глобалните пазари втора недела по ред во пораст

На глобалните пазари, цените на нафтата повторно пораснаа, бидејќи трговците се надеваат на поголема побарувачка од Кина и затоа што ОПЕК и неговите сојузници најавија намалување на производството. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 6,5 отсто, на 79,89 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 9,2 отсто, на 75,67 долари.

И покрај растот две недели по ред, во цел март цената на барелот во Лондон падна за околу 5 отсто, а на американскиот пазар за околу 2 отсто. Во целиот прв квартал од годинава цената на нафтата падна трет квартал по ред, што не е забележано од 2015 година.

 

Но, цените се опоравуваат во последните недели, најмногу благодарение на надежите на трговците за побрз раст на кинеската економија, најголемиот светски увозник на нафта, што треба да ја зголеми побарувачката.

 

Поддршка на цените обезбедува и слабеењето на доларот, бидејќи тоа ја прави нафтата поевтина за купувачите во други валути, а со тоа ја зајакнува побарувачката. Сепак, растот на цените е ограничен бидејќи се очекува забавување на растот на западните економии, а со тоа и на побарувачката на нафта.

Имено, централните банки се обидуваат да ја потиснат инфлацијата, па ги зголемуваат каматните стапки, што ќе ја ослаби потрошувачката на населението и негативно ќе влијае на растот на економиите. Трговците се надеваат дека се ближи крајот на циклусот на зголемување на каматните стапки, но тоа ќе зависи од трендот на инфлација.

Back to top button
Close