Четиринаесет жртви во армиски напад врз будистички храм во Мјанмар

Четиринаесет верници загинале во воздушен напад на армијата врз будистички манастир во Централен Мјанмар.

Според очевидци, нападот бил извршен вчера околу 9 часот по локално време во близина на општината Мјаун. Загинатите се 11 мажи и три жени на возраст од 50 до 70 години.

Групата постари лица во манастирот биле на тримесечна медитација согласно со будистичката традиција на постење. Очевидците на настанот тврдат дека манастирот бил намерна цел на нападот.

Еден од нив изјавил дека додека мештаните им помагале на повредените, авион на мјанмарското воено воздухопловство повторно се појавил на небото и го бомбардирал местото.

Мјанмарската армија засега не го коментирала нападот.

Граѓанската војна во Мјанмар што започна по воениот удар во 2021 година, досега однесе повеќе од сто илјади животи. Истражители на ОН минатата недела ја обвинија армијата дека ги засилила воздушните напади врз цивили.

Back to top button
Close