Човек во Германија се бори за живот: му експлодирал акумулатор во ранец додека возел велосипед

Маж од Германија завршил со тешки повреди откако акумулаторот што го носел во ранецот ненадејно експлодирал додека возел велосипед, објави „Билд“.

Во несреќата тешко бил повреден 45-годишниот маж, додека 9-годишно момче се здобило со полесни повреди.

Двајцата возеле велосипеди по улица во градот Јуксен, во германската покраина Тирингија, кога акумулаторот без предупредување експлодирал во ранецот на мажот.

По експлозијата, облеката на човекот веднаш се запалила.

Локалните жители први се обиделе да го изгаснат пламенот со вода од канти за полевање, додека други повикале итна медицинска помош.

На местото набрзо пристигнале пожарникари и спасувачки екипи, како и хеликоптер за итна медицинска помош.

„45-годишниот маж се здоби со многу тешки повреди на грбот и на левата страна од телото, поради што со хеликоптер за итна медицинска помош бил пренесен во специјализирана клиника во Хале. Детето се здоби со полесни повреди“, изјавила портпаролката на полицијата, Ана-Катарин Зајферт.

Од парчињата што одлетале при експлозијата се запалиле и блиската жива ограда и ливада.

Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата на акумулаторот.

Криминалистичката полиција во Зул отворила истрага за случајот

Back to top button
Close