Црвен картон во ЕУ

 

Проширувањето на ЕУ, кое целосно заглави на блокираните пристапни преговори на Македонија, а со што значајно се наруши кредибилитетот на политиките на Унијата кон земјите аспиранти, сега почнува да добива и една нова димензија. Може ли во скора иднина да се очекува приемот на нови членки да им отстапува место на заложбите што што се веќе присутни на разни нивоа – за исклучување од членството на земји што не ги следат правилата и вредностите на ЕУ.

Во 2001 година, кога Шведска за првпат беше претседавач на ЕУ, едно од главните прашања на ЕУ-самитот беше оружениот конфликт во Македонија. Тогаш Македонија беше и првата земја што ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација и иташе кон Европската унија.

Во меѓувреме се случија многу нешта што ја покажаа неможноста на Брисел да влијае пресудно врз некои земји што на разни начини го избегнуваат почитувањето на демократските стандарди и го нарушуваат владеењето на правото. Но сега созрева и еден друг вид на размислување со кој се заговараа покатегоричен пристап и посериозни консеквенци за „несоодветно однесување“.

Шведската Либерална партија деновиве истапи со предлог што би можел да резултира со сложена агенда кога Стокхолм повторно ќе ја презеде претседавачката палка со Унијата на почетокот на 2023 година. Лидерот на шведските либерали Нијамко Сабуни смета дека шведската Влада, која тогаш ќе претседава со ЕУ, би требало да преземе иницијатива за свикување на ЕУ-самит на кој би се дискутирале можностите за исклучување на земји што ги кршат принципите и ЕУ-регулативата, како, на пример, Унгарија и Полска. Загриженоста со која се мотивираат таквите заложби произлегува од развојот во овие две земји, каде што демократските вредности и принципите на правната држава постепено се демонтираат, при што во исто време Европската комисија не располага со алатки и доволно јасен мандат за да го спречи таквиот развој.

Затоа се заговара шведската Влада да иницира подготовки што ќе овозможат на ЕУ-самит да се доближат ставовите за тоа како „излегување од ЕУ“ би можело да се случи на еден попредвидлив и уреден начин, во споредба со искуствата од Брегзит, и како всушност би изгледале механизмите за исклучување од членството. Тоа ќе бара и промена во Лисабонскиот договор, која, како и сè друго во Унијата, ќе мора да се постигне со едногласна одлука на земјите-членки.

Но колку би било реално да се очекува дека сегашните влади во Будимпешта и Варшава би се согласиле со една таква крупна промена во регулативата, бидејќи би ризкувале да го изгубат слободниот пристап кон внатрешниот пазар и би останале без милијарди евра од европските фондови. „Не сум наивна, вели Нијамко Сабуни, дека такво нешто може да се случи преку ноќ“, но би било пожелно наскоро да започнат дискусиите околу ова прашање.

Како што често се забележува во дебатата околу искуствата поврзани со проширувањето на ЕУ, апетите на источноевропските земји главно беа изразени во стремежот кон еден „нормален живот“ и повисок животерн стандард, односно поголема потрошувачка, а не превосходно кон јакнење на демократијата под сопственото национално знаме.

По падот на комунизмот никој не ни помислуваше да го оспори и доведе во прашање општото расположение дека на Унгарија и другите земји од источниот блок требаше да им се посака добредојде и „враќање назад во Европа“, всушност враќање „дома во европската куќа“. Тогаш не се поставуваше прашањето дали Истокот беше подготвен да се фрли во прегратките на западната развиена демократија. Тоа прашање се поставува сега, триест години подоцна, и тоа не само во Брисел.

Но тоа едновремено се доживува и како длабоко вознемирувачко прашање околу самото европско заедништво. Имено, откако интензивното проширување кон Исток постепено се претвори во „замор од проширување“, потенцијалите на ЕУ се намалија, при што Унијата е и економски и политички ослабена, денес на пат да се задолжи енормно многу, како никогаш порано. Велика Британија дефинитивно ја напушти ЕУ, додека  од друга страна потенцијалните членки на Балканот, и покрај нивниот голем ентузијазам за доближување кон евроинтеграциите, се сметаат за мошне несигурно и дискутабилно засилување што ЕУ би требало да го приграби. Индиферентноста на Брисел во однос на блокадите и негирањата меѓу балканските земји, поттикнати главно од нејасни историски и националистички барања и ирационални ставови, се јасна потврда за тоа.

Во таа смисла, се чини дека останаа само демократски проблематични земји, каква што е и Унгарија, кои во последно време истапуваат како поддржувачи на напорите да се придвижат напред преговорите на балканските земји за членство.

Денес ЕУ, едноставно речено, е помалку атрактивна, посебно кога станува збор за унапредување на демократијата и либералниот поредок. Очекувањата и апетитите се многу поголеми во однос на материјалните вредности и полнењето на државните каси со европски пари. Во Источна Европа тоа често пати се потхранува како надеж за излез од сиромаштија и економска неразвиеност, без оглед дали за таква цел ќе се води и беспоштедна борба против корупцијата и криминалот, и тоа почнувајќи од зачмаените општински канцеларии па се до највисокото ниво на власта.

ЕУ не може да го избегне впечатокот дека сè повеќе е фрагментизирана и парализирана пред потребата да преземе решителни чекори. Црвен картон пред исклучување на „непослушни“ членки би можел да има извесен ефект на вразумување. Но за натамошно витализирање на ЕУ сигурно би било од големо значење доколку парите од европските фондови и економската поддршка се условат со почитување на демократијата и владеењето на правото, а што во основа е поддршка на урбаната демократска култура што е либерално настроена и е за Европа. Бидејќи, во крајна линија, само Унгарците сами, давајќи го својот глас на избори, можат да го сменат Орбан. Истото се однесува и за други земји, вклучувајќи ја, се разбира, и Македонија.

Ивица Челиковиќ

 

Back to top button
Close