ЦУК: Од Унгарија во Скопје со хеликоптерот на МВР пристигна македонскиот пациент

Денеска беше реализирано успешно воздухопловно превезување од Република Унгарија на болно лице, македонски државјанин, до Република Северна Македонија со полициски хеликоптер на МВР, што се опремува со потребна медицинска опрема пред секој таков лет, а по реализацијата на хуманата акција се вади, соопшти ЦУК.

-Конкретно, на 18 април преку Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи, а подоцна и преку официјалната електронска пошта на ЦУК и до директорот Стојанче Ангелов, пристигна барање за воздухопловен транспорт од Унгарија до Македонија на болно лице, македонски државјанин, којшто во Унгарија доживеал мозочен удар, па повеќе денови бил во болница во Унгарија, во градот Сегед. Притоа, на барањето е одговорено веднаш и по создавањето услови за безбеден транспорт, тоа е реализирано од страна на Хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот „бел“ 412, во содејство со Министерството за здравство денеска. Инаку, лицето било на службен пат во Унгарија и доживеало мозочен удар, по што веднаш било сместено и оперирано на Универзитетската клиника во Сегед, по што од таму денеска е транспортиран и е сместен на Универзитетската клиника во Скопје, појаснува ЦУК.

Од таму нагласуваат дека при ваквите случаи на помагање на граѓаните, полициските хеликоптери, со мали модификации и опремување со специфична опрема, се употребуваат повеќенаменски, односно покрај за гаснење пожари сега се употребуваат и за медицински транспорт.

-Припадниците на Хеликоптерската единица на МВР е евидентно дека, покрај имаат голема професионалност, храброст, а и вештина при гаснењето на пожарите на отворено, тоа го покажуваат и во ситуациите за безбеден воздухопловен транспорт на болни граѓани на големи растојанија, нагласуваат од ЦУК.

Инаку, ова е вторпат да се извршува таков вид воздухопловен транспорт на од Сегед до Скопје, по првиот пат што успешно се реализираше на 11 април.

Back to top button
Close