Дали Бугарија е новата Унгарија, а Румен Радев новиот Орбан, прашува печатот на германски јазик
Проруски настроениот Румен Радев е пред преземање на власта во Бугарија – ѝ се заканува ли на ЕУ нов Орбан, прашува печатот на германски јазик.

Весникот „Франкфуртер рундшау“, во подолг текст посветен на изборите во Бугарија и на Румен Радев како фаворит на тие избори, пишува дека Радев доминира на социјалните медиуми во Бугарија со милиони прегледи, но дека експертите се сомневаат во неговата вистинска поддршка. Во текстот, меѓу другото, се вели:
„Соборена влада, нова валута и информативен простор во кој границите меѓу вистинска поддршка и инсценирано масовно движење одамна се разлеваат – Бугарија повторно оди на избори во недела (19 април). И овојпат може да победи човек за кого Европа дури сега почнува сериозно да размислува.
Под услови што особено ја фаворизираат манипулативната политичка комуникација, Бугарија оди на своите осми избори во рок од пет години. Антикорупциските протести од 2025 година соборија една влада, без да ги отстранат неправилностите што се наоѓаа зад нив. Дополнително доаѓа воведувањето на еврото на почетокот на 2026 година, кое поттикна нови економски стравови. Промените на влади во изминатите години дополнително ја нагризаа довербата во институциите. Во овој вакуум, содржините засновани на страв особено добро виреат – поттикнати од војната во Украина и нови конфликти на Блискиот Исток.
На социјалните медиуми, победникот е јасен уште пред изборите: поранешниот претседател Румен Радев. Според извештајот на Балканската иницијатива за слободни медиуми (БФМИ), зголемувањето на содржините наклонети кон Радев на Фејсбук и ТикТок далеку го надминува она на која било друга политичка сила во земјата.“
Дали ваквите активности значат вистинска поддршка или се инсценирани, е прашање кое треба да се разјасни, пишува „Франкфуртер рундшау“:
„Бугарија, оценува БФМИ, веројатно е членка на ЕУ која институционално е најмалку подготвена за заканите што дигиталната манипулација во меѓувреме ги претставува за демократската легитимност. Зашто, за разлика од Унгарија и Словенија, Бугарија досега не поднела барање за поддршка преку ЕУ-системот за брза реакција. На 16 март, министерката за надворешни работи навистина изјави дека ќе го покрене прашањето во владата, меѓутоа формално барање не уследи. Ова двоумење паѓа в очи, особено ако се има предвид дека Радев политички покажува јасни паралели со Виктор Орбан, почнувајќи од проруските позиции и евроскептичната реторика, па сè до политички стил што се темели на конфронтација со Брисел. Загриженоста дека Бугарија би можела да стане следниот проблематичен случај во ЕУ, во тој контекст, не изгледа неоснована.“
Весникот пренесува делови од извештајот на тинк тенкот „Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa“ (ОБЦТ), според кој „Радев во едно од ретките опширни интервјуа во изборната кампања јасно ги оцртал своите надворешнополитички позиции. Тој, според наводите, се изјаснил за обновување на дијалогот со Русија и се залагал за тоа ‘економијата да се стави пред идеологијата’ – укажувајќи на испораките на јаглеводороди од Москва и на можноста за соработка со Русија во проширувањето на нуклеарната енергија. Истовремено, тој ја исклучил секоја коалиција по изборите со проевропското движење ‘Продолжуваме со промената’ и го критикувал европскиот Зелен договор.
На внатрешнополитички план, Радев изразил сомнежи кон ‘либералната идеологија’. Запрашан за можни мерки во корист на ЛГБТ-заедницата, тој зборувал за ‘трезвено враќање кон реалноста на два пола’. Како најверојатни коалициски опции, според извештајот, се сметаат сојуз со Социјалистите и националистичката партија Преродба или тивка соработка со досегашниот премиер Борисов, со цел да се остане на власт.“
„Франкфуртер рундшау“ ги пренесува и оценките на двајца експерти за ставовите на Радев во кампањата:
„За политикологот Димитар Ганев, позициите на Радев, сепак, пред сè имаат изборно-тактичка природа. ‘Многу од овие изјави се насочени кон оној повеќе традиционалистички и проруско ориентиран дел од јавното мислење, кој на политичката сцена во голема мера останува незаштитен од Социјалистичката партија’, изјавил тој за тинк-тенкот. Практичните одлуки, вели тој, би покажале дека Радев навистина нема да ја доведе во прашање геостратешката позиција на Бугарија, бидејќи владите што тој ги именувал, и покрај неговата реторика, никогаш не го промениле курсот на поддршка за Украина.
Ана Крастева, бугарска професорка по политички науки, во својата оценка за ОБЦТ настапува понијансирано. ‘Судејќи според неговата политичка кариера, би рекла дека Радев не е Орбан’, ја ублажува таа загриженоста. Бидејќи, тој не покажал ниту екстремизам ниту подготвеност за остра конфронтација со Брисел, што го одликуваат унгарскиот премиер. Сепак, со оглед на тонот на најновата изборна кампања, таа вели дека не може да исклучи ‘дека влада под водство на Радев можеби би можела да падне во искушение да ја заземе антилибералната и проруска политичка ниша на која што Унгарија на Орбан ѝ даде печат во последните години“, пишува весникот „Франкфуртер рундшау“.
Прашувајќи уште во насловот дали „Бугарија е следната Унгарија?“, весникот „Стандард“ оценува дека „прорускиот поранешен претседател Радев веројатно ќе биде нов премиер“ и дека „на социјалните медиуми има индиции за мешање на Москва“ во кампањата. Весникот објаснува дека хаштагот #rumenradev со недели расте екстремно брзо – над 60 пати побрзо од рекламите за конкурентската партија ГЕРБ. Во текстот натаму се вели:
„Во Софија, политичките набљудувачи се уверени дека проруски ориентираниот Радев ќе стане нов премиер. Некои стравуваат дека со тоа Бугарија би можела да стане проблем за Европската Унија. Други, пак, сметаат дека Радев ќе се однесува прагматично и нема да ја отуѓи ЕУ.
Сигурно е следното: Радев се спротивстави на безбедносниот договор меѓу Украина и Бугарија со важност од десет години, кој кон крајот на март беше потпишан од бугарската преодна влада и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Преодната влада, критикуваше Радев, се обидува ‘преку долгорочни обврски во име на Бугарија, кои ја загрозуваат националната безбедност, да обезбеди согласност од јавноста’.
Проруските партии – Социјалистичката партија и партијата Преродба – исто така беа против договорот. Гласањето за него на крајот беше откажано поради недостиг на кворум во парламентот. Доколку Радев победи на изборите, договорот е доведен во прашање.
Поранешниот генерал на воздухопловните сили, исто така, се спротивстави на одлуката Бугарија повеќе да не набавува руска нафта. Во ноември 2025 година, како претседател, тој стави вето со цел да спречи конфискација или присилна продажба на руската рафинерија ‘Лукоил Нефтохим’ во близина на Бургас, на Црното Море. ‘Можеби не е толку радикален како унгарскиот премиер Виктор Орбан’, смета Александар Стојанов од Центарот за демократски студии во Софија. ‘Но тој дефинитивно е проруско ориентиран, и тоа отсекогаш бил.’“
Стојанов за „Стандард“ додава дека „нема директни докази оти Кремљ го поддржува Радев, но укажува на необичните случувања на социјалните мрежи. ‘Ако Русија не стои зад тоа, тогаш не знам кој стои’, вели тој. ‘Романија минатата година беше на работ, сега Унгарија и Бугарија. Русите никогаш нема да престанат да се обидуваат.’“
На крајот од текстот, „Стандард“ објаснува:
„Русофилијата во Бугарија главно се поврзува со Руско-турската војна од 1877 година, која во Бугарија се гледа како ослободителна војна од Османлиите. Но со тоа тогаш биле поврзани и руски великодржавни интереси. ‘Во 1944 година Русија потоа ја окупираше Бугарија, беа убиени 30.000 луѓе и беа инсталирани комунистички партиски кадри. 300.000 руски војници дојдоа во земјата. И тоа до ден-денес кај нас се нарекува ‘второ ослободување’’, негодува Стојанов. ‘Бугарите имаат Стокхолмски синдром’, вели тој. „Го сакаат оној од кого се тепани.’“
Извор: Дојче веле






