Јаневска: Иселениците почнаа да се враќаат, тоа е резултат на новите политики на Владата?!

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска изјави дека првите статистички податоци веќе покажуваат прилив на иселеници кои се враќаат во Македонија. Според неа, иако бројките сè уште не се масовни, овој тренд е директна потврда дека владините политики за задржување на младите даваат резултат.

Јаневска, одговарајќи на прашање за намалувањето на бројот на основци, истакна дека сегашната власт презема конкретни мерки, за разлика од претходната која, според неа, само немо ги набљудувала демографските проблеми.

„За оние на коишто им редеа чевли за да ги вратат тие ништо не направија, но ние, може да видите во статистиката, веќе имаме прилив на иселеници. Тој не е голем, но луѓе почнаа да се враќаат во Македонија. Тоа е резултат на политиките кои ги спроведува оваа Влада“, истакна министерката.

Таа додаде дека процесот на промена е долготраен, но дека Владата е фокусирана на создавање услови преку нови инвестиции во образованието и законски измени во високото образование за младите да ја гледаат својата иднина дома.

Back to top button
Close