Дали навистина му дојде крај на поместувањето на стрелките на часовникот?

 

Европскиот парламент се изјасни уште пред една и пол година. Сепак, за спроведување е меродавна секоја држава за себе. А, тука работите не одат мазно, пишува Дојче веле

Напред или назад? Во ноќта помеѓу сабота и недела повторно се поместуваат стрелките на часовникот и почнува зимското сметање на времето. Часовникот се поместува за еден час наназад. Кога би било според претставите на Европскиот парламент, тоа би било и последното поместување на стрелките на часовникот. Но, кога навистина ќе дојде до крај на многу непопуларното поместување на часовникот, се’ уште не е јасно.

„Треба да се престане со поместување на часовникот“, објави во 2018 година тогашниот шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер откако во онлајн-истражување меѓу граѓаните во целата ЕУ,84% се изјаснија за престанок на зимското и летното сметање на времето.Потоа, во 2019 година, и ЕП со големо мнозинство се изјасни за престанок во 2021 година. Топката сега е кај владите на државите членки на ЕУ, кои мора да одлучат дали трајно ќе го задржат летното или зимското сметање на времето. Но, конечната одлука на државите членки е се’ уште далеку.

Symbolbild Uhr Sommerzeit (Colourbox)Наскоро крај на летното и зимското сметање на времето?

Тешко е да се усогласи цела ЕУ

Од кругови на европски дипломати деновиве можеше да се чуе дека за таа тема нема да се расправа многу за време на германското претседателство со Унијата (до крајот на годинава). Се вели дека има многу други теми кои се поважни од сметањето на времето.

Германската влада се’ уште не одлучила за што ќе се залага – трајно летно или зимско сметање на времето. „Од аспект на Сојузната влада е важно да се спречат ’временски острови’ и да се осигура хармонизиран внатрешен пазар“, соопшти Сојузното министерство за економија.

Во ЕУ постојат три временски зони, најголема е онаа која го опфаќа средноевропското време, а таа се протега од Полска до Шпанија. Доколку би се прифатило трајно летно сметање на времето, на запад и на северозапад на континентот назима би се разденувало дури во текот на претпладнето, некаде околу 10 часот.

Zeitumstellung Junge Frau mit Wecker (picture-alliance/dpa)Германското здравствено осигурување ДАК објави дека 29% од луѓето во Германија имаат телесни и психички проблеми по поместувањето на стрелките на часовникот

Во случај на трајно зимско сметање на времето, налето не само што би се стемнувало порано, туку на истокот на континентот сонцето би изгревало исклучително рано, односно околу 3 часот.

Истовремено, задржување на промената на сметањето на времето им создава проблеми на многу луѓе. Германското здравствено осигурување ДАК, врз основа на репрезентативно истражување, објави дека 29% од луѓето во Германија имаат телесни и психички проблеми по поместувањето на стрелките на часовникот. Тие се чувствуваат уморно, имаат проблеми да заспијат и се будат почестово текот на ноќта. 76% од испитаниците сметаат дека поместувањето на часовникот е непотребно и треба да се укине.

Анкетата спроведена во времето на Јункер остави простор да се насети дека со прашањето се занимаваат повеќе луѓето во Германија отколку оние во другите земји членки на ЕУ. Од 4,6 милиони луѓе кои учествуваа во истражувањето, 3 милиони беа од Германија.

Текстот е преземен од Дојче веле

 

Back to top button
Close