Дали почна предвремена кампања во јуни за локалните избори во октомври?

На повеќе од четири месеци пред најавениот термин за локалните избори – втората половина на октомври, веќе се познати имињата на дел од кандидати за градоначалници главно од најголемите политички партии, коишто веќе започнаа неформална кампања. Веројатно пописот закажан за септември во комбинација со олабавување на ковид мерките придонесоа за тоа. Нема разлика дали станува збор за опозицијата или за власта кампањата е веќе почната, а граѓаните и експертите ќе речат дека за некои воопшто и не прекинала.

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев изминатава недела присуствуваше на настани во неколку делови од земјата. Актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов потврди дека повторно ќе се кандидира за оваа позиција, а тоа го направи и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, посочувајќи дека ги надминал несогласувањата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети на настан во Липково му даде поддршка на тамошниот градоначалник, што се смета за почеток на селекција на кандидатите за градоначалници и советници од оваа партија, и најави дека денеска ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за „првиот албански премиер“. Во јавноста експресно тоа беше протоколувано дека се работи за заеднички кандидат за градоначалник на Скопје со СДСМ, што вчера беше негирано лично од Заев.

Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така има постојани активности на терен со граѓаните. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски и други опозициски функционери реализираат средби и посети низ целата територија на земјата.

Од Беса има засега потврдени, но се уште неофицијални информации дека лидерот Билал Касами ќе се кандидира за градоначалник во Тетово, додека потпретседателот на Собранието Фадил Зендели во Гостивар.

Во Охрид беше промовирано учество на локалните избори на независна група граѓани.

Државната изборна комисија ги избра членовите на општинските изборни комисии, а започна и постапката за јавна набавка на терминали за вчитување на биометриски податоци. Претседателот на ДИК Александар Даштевски рече дека и покрај тоа што првата јавна набавка беше поништена, терминалите навреме ќе бидат набавени.

Има неофицијални најави и дека некои од пратениците би можеле да бидат кандидати за градоначалници, а тоа, доколку нема предвремени парламентарни избори, би ја сменило и парламентарната структура.

Останува дилемата со каков модел ќе одиме на локалните избори и дали партиите ќе постигнат согласност за воведување на отворени листи, нешто за што се залага ДОМ и други политички партии. Дали работната група ќе излезе со ваков предлог пред Парламентот останува да се види, иако тоа е малку веројатно.

Како се подготвуваат партиите за локалните избори? 

Иако во јавноста неделава почнаа да се објавуваат имиња на дел од кандидатите, пред се, за градоначалници, а за некои може да се претпостави дека се потенцијални кандидати имајќи ги предвид кампањите што ги водат на социјалните мрежи како Фејсбук, на пример, речиси во сите партии со чии претставници контактираше МИА се прават анкети и анализи за можни кандидати и градски татковци и советници. Тие сепак ќе мора да ги минат партиските филтри, но и да добијат согласност од базата.

Премиерот и претседател на СДСМ Заев изјави дека СДСМ на 8 јуни ќе има седница на Централниот одбор на којшто треба да биде донесена одлука за шеф на републичкиот штаб, за правилник и постапка и критериуми за номинирање на кандидатите за градоначалници и советници што очекуваат да бидат номинирани од базата. Некаде во втората половина на јуни, додаде тој, СДСМ ќе почне со проверки преку теренски анкети за да добие информации што им е најважно на граѓаните во делот на номинацијата на кандидатите.

Во вчерашната изјава тој рече дека СДСМ и ДУИ воопшто не разговарале за заеднички кандидат за градоначалник на Скопје. За тоа што ќе соопшти ДУИ денеска кажа дека се работи за нешто што претставува модернизација на коалицискиот партнер и потенцираше дека е логично да остави за деталите да зборуваат тие, а е во духот на тоа што го работат како Влада.

За тоа дали СДСМ и ДУИ ќе одат заедно на овие избори и со кого ќе коалицираат, Заев рече дека и на овие избори ќе одат кон обединување и коалицирање најнапред со партиите од коалицијата, меѓу кои се и ДУИ, Беса и ДПА, но и со опозициските партии од албанскиот блок.

– Ја направивме најголемата коалиција за парламентарните избори и првпат мултиетнички комплетна. Зад претседателот Пендаровски застанавме 32 партии од власта, од опозицијата, така што и овој пат на локалните избори ќе одиме кон обединување. Зошто? Заради тоа што во единството е силата, и во единството е успехот, рече Заев.

Како што кажа, локалните избори се посебни избори, тоа се избори на личности.

-Партиите имаат влијание, но многу е важен ликот на кандидатот или кандидатката за градоначалник или за советници, рече Заев, кој мина три мандати како градоначалник на Струмица и вели дека од неговото искуство знае оти многу важно граѓаните да им веруваат на своите носители на фунцкии на локално ниво.

Од тоа, потенцираше тој, зависи како ќе ги прават коалициите.

-Ќе правиме коалиции. Ние стартуваме со наша преокупација да ги создадеме максимално коалициите. Секако еден дел ќе бидат направени уште во првиот круг, еден дел ќе бидат логични во вториот круг. Со кого – со стандардните коалициски партнери сигурно со кои сме партнери на државно ниво. Ние сме 25-6 политички партии заедно во еден тим кој верува во иста кауза. Од тој аспект секогаш фокусот е на албанските партии. Ние имаме три албански партии во коалицијата ДУИ, Беса и ДПА, но имаме соработка и со опозициските партии, рече Заев.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, пак, изјави дека на претстојните локални избори планира повторно да се кандидира за прв човек на Скопје и оти очекува да победи.

-Останувам на истата позиција и пред започнување на шпекулациите, впрочем утре ќе се расчистат тие шпекулации и ќе видите дека не станува збор за градоначалник, потенцира Шилегов во врска со шпекулациите дека СДСМ и ДУИ договориле заеднички кандидат за градоначланик на главиот град.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека тие се комплетно посветени на граѓаните и дека така и ќе продолжат. Отворени се за колицирање и со други партии.

-Комплетно сме посветени на граѓаните, средби со нив имаме од декември и тој интензитет ќе продолжи. На тој начин остваруваме близина и добиваме безброј идеи и проекти што ни ги пренесуваат граѓаните. Оваа кампања „Од човек на човек“ ќе продолжи до завршување на изборите, изјави генералниот секретар на партијата Влатко Сајкоски за МИА.

Во однос на кандидатите, рече дека критериумите за градоначалник и советници се подготвени. Врз основа нив и заедно со базата ќе се утврдат кандидатите, кои ќе мора исто така да ги минат филтрите на највисоките органи на партијата.

За интензивирањето на активностите за локалните избори на почетокот на овој месец од страна на владејачките партии, Сајкоски вели дека се прават злоупотреба на сите нивоа.

-Граѓаните се излажани од страна на власта во сите општини, бидејќи од она што го ветија и СДСМ и ДУИ за општините е реализирано само 10 отсто, рече Сајкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, е отворена за соработка со сите политички партии.

Фадил Зендели, потпретседател на Собранието и пратеник од Беса, кој засега неофицијално се најавува дека ќе биде кандидат на партијата за градоначалник на Гостивар, истакна дека партијата ги реорганизирала ограноците, а со тоа и ги почнала подготовките за локалните избори. Се прават и анкети и анализи. Сега нивниот став е дека ќе настапат самостојно, но не е исклучена соработка и со други партии.

Зендели се согласува дека политичките партии ги интензивирале активностите за изборите и вели дека пописот што треба да се одржи во септември, не би требало да има влијание врз изборите, а оти со пандемијата никој не знае што ќе се случува на есен.

Според него, резултатите од локалните избори за ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат тест после што би можело да следува евентуално засилување на барање за парламентарни избори, додека за владејачката СДСМ ќе значат добивање легитимитет.

Маја Морачанин

Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на партијата ДОМ, во изјава за МИА ја нагласува потребата од отворени листи за локалните избори, за што веќе има предлог од нивна страна. Морачанин вели дека би сакала овој предлог да дојде од работната група во Собранието за да можат и другите партии да се изјаснат за него. Преку отворените листи, потенцира таа, граѓаните ќе можат да се изјаснуваат за личности а не само за партии.

ДОМ, посочува таа, се подготвува за локалните избори и ќе настапува самостојно, но остава простор за соработка со граѓански организии и политички партии со кои имаат заеднички програмски определби. Во нивниот фокус, како зелена партија, ќе бидат заштитата на животната средина и климата, човековите права родовата еднаквост, урбанизмот…

-Во партијата дискутираме. Има внатрепартиска дебата и предлози за кандидати, вели Морачанин за МИА, додавајќи дека се уште немаат финализирано во кои градови ќе кандидираат свои градоначалници и советници најавувајќи анкети и анализи.

Морачанин смета дека не е невообичаено активностите на партиите да започна многу порано од официјалната кампања. Овојпат веројатно за тоа придонесоа и олабавувањето на мерките што им дава можност на партиите да имаат средби со граѓаните на терен.

Според политичкиот договор поради пандемијата со Ковид-19 пописот во земјава беше одложен за септември, а локалните избори за втората половина на октомври за да се овозможи партиите да организираат кампања по завршување на пребројувањето на населението и домаќинствата. Според измените на Изборниот законик, ова треба да бидат први избори во Северна Македонија на коишто ќе се применуваат терминали за вчитување на биометриски податоци на граѓаните, со што, како што се смета, би се избегнале нерегуларности при гласањето.

Back to top button
Close