Даравелски денеска излегува на слобода

Поранешниот директор на Царина, Драган Даравелски, од денеска е слободен граѓанин, односно ќе излезе од затворот Идризово. Поточно, од Кривичниот суд информираат дека и првостепениот и второстепениот суд го прифатил барањето на Даравелски за повторно судење. Ова значи дека Даравелски од денеска е слободен граѓанин, бидејќи на повтореното судење ќе биде константирана апсолутна застареност на кривичното дело за кое се гонел, а кое застарело лани, односно по 20 години од извршувањето на истото.

-Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, по добиено барање од адвокатот на Даравлески за повторување на кривичната постапка, оформи предмет и изврши увид во списите на кривично правниот предмет К.бр. 809/05, предметот за извршување на досудената санкција на Основниот суд Киманово со КУИКП бр. 162/10, предметот на кривичниот совет со КС – КР бр. 1085/15, известувањето од КПУ Идризово и прибави мислење од надлежното ОЈО Скопје. Постапувајќи по барањето и по детална анaлиза на прибавените списи и докумeнтација, Кривичниот совет на 03.02.2023 година донесе решение со кое утврди дека барањето е основано и се дозволува повторување на кривичната постапка против обвинетиот.

Имено, во конкретниот случај, советот го ценел чл.3 ст.2 од Втор додатен протокол на Европската конвенција за екстрадиција како и одредбата од чл.424 ст.1 од ЗКП, според која кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство, а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство ќе се повтори ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство, велат од Кривичниот суд.

На ваквата одлука се жалело обвинителството, но одлуката на Кривичниот суд била потврдена и од Апелација.

-Против ова решение добиена е жалба од ОЈО Скопје, која жалба согласно Законските одредби го одложува неговото извршување и предметот е доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје, од каде денеска е добиена одлука на Вторстепениот суд со која решението на Кривичниот совет се потврдува во целост. Решението во текот на денешниот ден ќе биде доставено до странките и КПУ Идризово.

Заради појаснување известуваме дека кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена односно со конкретното решение се дозволува повторување на постапката и ќе биде оформен нов предмет кој ќе биде распределен на понатамошно постапување, велат од Кривичниот суд.

Даравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година за Злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Пред еден месец пак беше уапсен на граничниот премин ,,Табановце” при обид за влез во државата, во која не беше стапнал две децении.

Back to top button
Close