Дебранец не го почитувал полицискиот час и вршел угостителска дејност „на диво“

Одделението за внатрешни работи од Дебар поднесе кривична пријава против дебранец поради непочитување на полицискиот час.

Освен што не го почитувал полицискиот час, тој вршел угостителска дејност без соодветен упис на фирмата за таа намена.

-Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Е.К.(24) од Дебар. При контрола извршена на 16 минатиот  месец  во 23:00 часот, полициски службеници во деловен објект на улицата „Братство Единство“ во Дебар, констатирале дека тој врши угостителска дејност без соодветен упис на фирмата за таа намена, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Додава дека во моментот на контрола во угостителскиот објект имало и гости.

Исто така Димоски информираше дека од воведувањето на полицискиот час констатирани се 20 прекршувања на забраната за движење и за повеќе од нив веќе се поднесени кривични пријави.

-Од воведувањето на полицискиот час констатирани се 20 прекршувања на забраната за движење. Што се однесува пак до мерката за задолжително носење на заштитна маска, во април издадени се 117 додека во мај 57 прекршочни платни налози, рече  Димоски.

Во изминатите два дена од месецов, посочува, не е констатирано непочитување на споменатите мерки.

Back to top button
Close