Деструкцијата како културна понуда

На прес конференција на 04 март 2020 година, значи речиси само десетина дена од (тогаш) априлските закажани избори (коишто пропаднаа заради пандемијата), калфата на „најпатриотската“ македонска партија кажа(л): „Имаме култура која стана предмет на политичка трговија, програми и пари кои се делат не по квалитет туку по бизнис и политички мотиви“!

И затоа е подобро да го слушате „живиот збор“ отколку да читате партиски испеглани програми, да чуете што во даден момент мислеле конкретни партиски личности кои претендирале да бидат „нешто“ во нашите животи – а тоа „нешто“ да е најважната функција во државава: премиер! А, патем, морате да признаете, тоа што тогаш го кажа калфата, беше апсолутно точно. Можеби за прв пат во неговиот политички живот, но констатацијата беше на место. Иако, на втора рака, таа констатација некако се загуби од предизборната програма на ова „најмакедонско“ здружение кое глуми политичка партија. Зошто? Дали затоа што неговите советници му кажале дека токму тие го воведоа спомнатиот „принцип“ којшто сега – поточно во март 2020 година – така и толку (као) им пречеше? Зашто, ако некој во оваа Македонија, онака сирово, силеџиски и деструктивно го имплементираше тој „принцип“ на „(…) програми и пари кои се делат не по квалитет туку по бизнис и политички мотиви“, тогаш тоа беше неговиот газда-мајстор од Будимпешта и неговата (не)културна инсталација во македонската култура викана – пуфлата! Оттука, денешните остатоци на тогашното злосторничко здружение точно знаат за што (и како) станува збор. За нештата да станат – појасни!

А сепак, констатацијата на калфата на будимпештанскиот криминалец останува валидна и вчера, и денес, и (дали?) – и утре. Македононската култура од 2006 година не е ништо друго туку токму „култура која стана предмет на политичка трговија, програми и пари кои се делат не по квалитет туку по бизнис и политички мотиви“. Како впрочем и целата држава! Меѓутоа, наместо да продолжи во таа насока, да поентира и да извлече некакви (барем) ситни „лајкови“, оваа „најмакедонска“ патриотическа групација настојчиво сака да се претстави себеси како да знае што говори кога ќе се спомне зборот култура, па запнале дури и да се обврзуваат на нешта за коишто ни знаат ниту умеат да разговараат. Уште помалку знаат тоа да го спроведат во дело, за што недвосмислено не’ убедија во времето на нивното катаклизмично (не само за културата) владеење во периодот 2006-2017 година!

И затоа, крајно непромислено, овие повторно решиле да се заветуваат, и тоа на едно чудо работи за коишто, докажано, не ги разбираат: на обнова „(…) која ќе донесе намалување на данокот на ДДВ од 18 на 5% во културата; (…) изградба на нови театри во Прилеп, Охрид и Скопје; (…) реконструкција на зградата на Музејот на Македонија согласно совремните архитектонски стандарди; (…) капитален проект на дигитализација на културното и уметничкото наследство; (…) инвестиција во македонски брендови и креативни индустрии; (…) унапредување на македонскиот јазик како наше идентитетско обележје…“, итн., итн. И конечно, како шлаг на ступидната торта: „Стручноста и професионализмот да доминираат со образовните и културните процеси“.

Урааа, некој, еднаш, да ги препознае стручноста и професионализмот како доминантни столбови во овие области и – да се потпре на нив! Да, ама по првиот изблик на радост за сите оние кои го беа отслушале ова (пристојно прочитано) пледоаје, секој нормален ќе се запраша: ама зошто сите овие аргументи не важеа до само пред три-четири години, зошто ништо од ова не беше во игра во времето на големата културна и образовна катаклизма во периодот на владеењето на „најпатриотската“ македонска партија од 2006 до 2017 година, зошто никој ни тогаш, ама ни денес (повторно) не ги препознава стручноста и професионализмот како доминантни столбови во овие области туку му дозволуваат на еден превеан тип како Дурловски да говори за културното наследство – нешто што тој ни го знае ниту пак го разбира, зошто во нивното поимање на културата цел единаесет години мешетареа типови како пуфлата и нејзината тајфа, зошто се’ што малку заличуваше на стручност и професионализам беше крајно вулгарно елиминирано од културната сцена? Не би сакал да говорам за личните искуства во една национална институција во нивното време – каква установа добија а во што ја претворија (иако тоа трае и денес, за жал!) – а такви поединечни искуства има премногу. Оттука, кој и каков ќе биде тој вмровски професионализам, која и каква ќе биде таа нивна стручност и како воопшто ќе ја препознаат луѓе кои појма немаат што тоа значи? Можеби повторно ќе си ја усвојат пуфлата како „компетентна“ во таа област?

Зашто, де факто, баш во целото тоа злосторничко здружение се’ уште маскирано како „политичка партија“, барем во културата и образованието, седат речиси истите луѓе од времето на криминалецон од Будимпешта? И не само таму туку и во највисоките органи на „партијата“, вклучувајќи го тука и самиот калфа како некогашен советник на криминалецон од Будимпешта? Се разбира, секој може сам да одговари на грото елементарни логични прашања или, ако баш сака, нека се приклони кон приказната за мали деца дека ова, денес, е – реформирана „партија“.

Како и да е’, хипотеката на оваа „политичка партија“ – не само во културата, образованието и науката туку во сите сегменти на државата – е толку голема, застрашувачка, криминална, деструктивна, безмалу необјаснива за 21-от век, што е просто неверојатно дека тие и сега сакаат да се кандидираат на политички релевантни избори. До толку да нема еден, барем еден паметен човек што ќе ги насочи кон неопходни внатрешни реформи, кон современ политички дух, кон цивилизациски однос кон културата/образованието/науката…

Златко Теодосиевски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close