ДИК: Излезноста во Брвеница до 9 часот е 2,46 отсто, гласале 400 избирачи


Излезноста на предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница до 9 часот утринава изнесува 2,46 отсто, односно своето право на глас го оствариле 400 избирачи, информираше портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК), Радица Тодоровска-Алексовска.

Во споредба со првиот круг од локалните избори во 2025 година, како што посочи, излезноста е намалена за 2,87 процентни поени.

-Гласањето започна утрово во 7 часот и засега тече непречено и без некои најави за евентуални проблеми – изјави Тодоровска-Алексовска на утринската прес-конференција.

Во Избирачкиот список за изборите во Брвеница се запишани 16.256 избирачи, кои гласаат на 24 избирачки места.

ДИК ја стави во функција бесплатната телефонска линија 0800 555 44, преку која граѓаните можат да добијат информации за остварувањето на своето избирачко право. За лицата со оштетен слух достапен е бројот 076 488 360, на кој преку видеоповик можат да добијат информации на знаковен јазик.

Од ДИК информираат и дека вчера гласале 85 од вкупно 88 болни и немоќни лица. Од деветте лица запишани во Избирачкиот список кои издржуваат затворска казна или се во притвор, своето право на глас го оствариле седум лица. 

Back to top button
Close