ДИК со препораки: Скенерите за отпечатоци да се чистат, а граѓаните посилно да притискаат

ДИК дала инструкции до Избирачките одбори редовно да го чистат скенерот каде што се остава отпечатокот од прст и гласачите посилно да притискаат кога го оставаат отпечатокот на скенерот

Поради проблемите со уредите за биометриска идентификација, на дел од гласачките места во земјава имаше прекин на гласањето, информираа од Државната изборна комисија.

Оттаму велат дека проблемите се поврзани со управувањето со уредите и непрепознавање на отпечатоците на гласачите, а во дел од избирачките места имало и технички проблеми со самите уредите, кои биле заменети со нови. Онаму каде што не можело да се заменат уредите, се гласа на стариот начин.

„Проблемите се надминуваат во тек, со комуникација со техничките лица кои се на терен. Во однос на лошиот квалитет на базата на отпечатоци, како последица, на избирачките места најчест проблем е непрепознавање на отпечатоците на граѓаните. Законски е предвидено дека во таков случај постапката продолжува со скенирање на личните документи во самиот скенер кој е во склоп на уредите за отпечатоци или со внесување на единствениот матичен број на гласачот“,рече портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

Гугучевска рече дека ДИК дала инструкции на Избирачките одбори редовно да го чистат скенерот каде што се остава отпечатокот од прст, а гласачите да притиснат повеќе кога го оставаат отпечатокот на скенерот.

За да се забрза процесот, доколку два пати не може да се идентификува гласачот преку системот за биометриска идентификација, процесот продолжува со скенирање на личниот документ или со внес на матичниот број да се пребарува гласачот, велат од ДИК.

На местата каде што избирачкиот процес бил прекинат, гласањето ќе биде продолжено онолку време колку што процесот бил во прекин, но не повеќе од 3 часа.

„Имаме прекини на гласањето на повеќе гласачки места. Ако прекинот траел пократко од 1 час, гласањето ќе заврши во 19 часот, ако прекинот траел од 1 до 3 часа, ќе се продолжи за онолку време колку што траел прекинот. Засега немаме информација дека некаде имало прекин повеќе од три часа“, рече Гугучевска.

Back to top button
Close