ДИК со првични официјални резултати: Радически од ВМРО-ДПМНЕ прв со 2.945 гласови, втор Јахиј од НАИ со 2.152 гласа
Според првичните официјални резултати на ДИК на предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница излезноста изнесувала 46,58 проценти, односно гласале 7.572 избирачи. Најмногу гласови – 2.945 или вкупно 38,89 проценти од вкупниот број, освои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радически.

-Државната изборна комисија врз основа на податоците од доставените записници од избирачките одбори и од ОИК утврди дека од запишаните 16.256 гласачи во заклучениот избирачки список на денот на изборите, вчера во Брвеница гласале 7.572 избирачи, односно 46, 58 проценти. Според пресметаните и утврдени резултати, утврдивме дека најмногу гласови има Стојанчо Радически од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија со освоени вкупно 2.945 гласови или 38,89 проценти, рече на денешната прес-конференција потпретседателот на ДИК.
– Advertisements –
Според него, второпласиран е кандидатот Аркин Јахиј од НАИ кој освоил 2.152 гласови или 28,42 проценти, третопласиран е кандидатот Јакуп Хусеини од Коалицијата ВЛЕН со освоени 1.529 гласови или 20,19 проценти, а четвртопласиран кандидат е Јовица Радески СДСМ и коалицијата за предвремените избори за градоначалник во Општина Брвеница, кој освоил 707 гласови или 9,34 проценти. Петтопласиран е Душан Богданоски – група избирачи со 57 гласа, а шестопласирана е кандидатката Арифе Идризи – група избирачи која освоила 21 глас.
Маричиќ потсети на роковите нагласувајќи дека подносителите на листите на кандидати имаат право да поднесат приговори до ДИК за постапката за гласање во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, а приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите во рок од 48 часа по денешното објавување на првичните официјални резултати.
-Приговорите за постапката на гласањето може да се поднесуваат најдоцна до утре, вторник 20 октомври до 19 часот, додека рокот за приговорите за постапката за сумирање и утврдување на резултатите истекува во среда 21 октомври во 12:30 часот, рече Маричиќ.
ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорите да донесе одлука. Приговорите, нагласи тој, подносителите мора да ги доставуваат исклучиво во архивата на ДИК.
Претседателот на ДИК, појасни дека против одлуката на ДИК по приговорите подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по примот на тужбата.
-Државната изборна комисија конечните резултати од изборите ќе ги објави веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по завршување на нивната конечност, што значи 24 часа по завршување на целата постапка по приговорите, истакна претседателот на ДИК Маричиќ.
Според законот, првите двајца пласирани одат во втор круг на избори, кој треба да се одржи за две недели.
Предвремените локални избори во Брвеница се одржаа бидејќи на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски






