Директорот на српскиот „Телеком“, на Арена спорт, Блумберг и Њузмакс прогласен за персона нон грата во Косово
Косовското Министерство за внатрешни работи денеска донесе одлука со која трајно му се забранува влез, транзит и престој на целата територија на Косово на генералниот директор на „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, прогласувајќи го за персона нон грата.

Официјална Приштина ја донесе оваа радикална мерка со образложение дека неговите јавни изјави претставуваат директна „закана по суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на Косово“, обвинувајќи го дека отворено поттикнува говор на омраза и дестабилизација. Забраната е донесена по посетата на Лучиќ на Северна Митровица, каде што најави изградба на шест нови објекти на „Телеком Србија“ со цел српско население што живее таму да добие поквалитетна фиксна телефонија.

Кој е Владимир Лучиќ?
Владимир Лучиќ е еден од најмоќните и највлијателните менаџери во телекомуникацискиот сектор во Југоисточна Европа. Како долгогодишен прв човек на државниот гигант „Телеком Србија“, тој раководи со корпоративна стратегија за агресивна регионална експанзија. Под негово водство, компанијата успеа да воспостави доминација или силно прекугранично присуство на пазарите во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, а во поново време и во Австрија, Германија и Македонија.
Лучиќ важи за исклучително вешт стратег близок до српскиот претседател Александар Вучиќ, кој телекомуникациите ги третира не само како бизнис, туку и како инфраструктура од стратешки и национален интерес.
Какво е влијанието на „Телеком Србија“ и на Лучиќ во Македонија?
Тој е е клучниот архитект за влезот на српскиот државен капитал на македонскиот телекомуникациски и медиумски бизнис. Корпоративната стратегија на Лучиќ во Македонија веќе има изградено моќна и разгранета деловно-медиумска империја преку која директно се контролира сериозен дел од пазарот. Во 2021 беше основан МТЕЛ, кој започна како сателитски ТВ-провајдер, за денес да функционира како виртуелен мобилен оператор на македонскиот пазар. Под негово диригентство, МТЕЛ официјално го презеде и целосно го интегрира глобалниот виртуелен оператор „Lyca Mobile“ во Македонија, со што ја презеде нивната комплетна корисничка база. Како дел од стратегијата за инфраструктурно ширење, како што објавија дел од медиумите Лучиќ се обидува да го купи и македонскиот телекомуникациски оператор „Неотел“. Пазарната офанзива беше заокружена и со преземањето на сателитската платформа Тотал ТВ во Македонија од „United Group“.
Влијанието на Лучиќ во медиумскиот бизнис во земјава исто така е сериозно бидејќи компанијата која ја предводи преку швајцарската подружница „Mtel Swiss“ е сопственик на мултиплатформската бизнис-мрежа „Блумберг адрија“ а дополнително, преку регионалните франшизи на „Телеком Србија“, Лучиќ во домовите на македонските гледачи ги пласираше глобалниот информативен канал Њузмакс Балканс. Сепак, врв на содржинското влијание во етерот се спортските канали Арена спорт, кои во сопственост на српскиот оператор ги држат ексклузивните права за најважните спортски настани, како Светското првенство во фудбал, Лигата на шампионите, англиската Премиер лига, шпанската Примера. Во Македонија под капата на „Телеком Србија“ на кабелските оператори се емитува и филмскиот канал Суперстар ТВ.






