ДКСК почнала со антикорупциска проверка на измените на Законот за јавните набавки предложени од ВМРО-ДПМНЕ

По реакцијата на невладините во врска со предложените измени на Законот за јавните набавки, по скратена постапка, денеска се огласија и од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Оттаму изразуваат сериозна загриженост поради предлог-измените на Законот и информираат дека веќе започнале постапка за нивна антикорупциска проверка.

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитриевска / Фото: Принтскрин (Архива)

Изразувајќи ја својата загриженост, од Антикорупциска уште во првата реченица во соопштението, реагираат на тоа што измените се носат по скратена постапка, без широка јавна расправа, експертска дебата и сеопфатна анализа на нивните последици.

„Јавните набавки се една од клучните хоризонтални области во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2021-2025 година), и затоа секоја измена на законската рамка мора да биде предмет на внимателна и транспарентна проценка“,велат од ДКСК.

Според антикорупционерите, особено загрижува, како што велат, фактот што во предложените измени се предвидува промена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во исклучително краток рок од 15 дена.

Ова, велат оттаму, отвора дополнителни прашања за транспарентноста и оправданоста на ваквите измени.

„Со оглед на системската важност на Законот за јавните набавки и ризиците од корупција што произлегуваат од јавните набавки, Државната комисија за спречување на корупцијата отпочна со спроведување на антикорупциска проверка на предложените измени и дополнувања на Законот. Оваа проверка е дел од заложбите за навремено утврдување и ублажување на ризиците од корупција и судир на интереси во законодавството, што е од суштинско значење за заштита на јавниот интерес“,

велат од Антикорупциска.

Истакнуваат дека ваквите антикорупциски проверки се ефикасни доколку се извршуваат навремено, во фаза на подготовка на законите, а не откако тие ќе бидат донесени.

Во таа насока, од Државната комисија за спречување на корупцијата ги повикуваат сите надлежни институции да се вклучат во процесот на следење на овој случај за да се обезбеди почитување на законитоста, транспарентноста и правичноста во носењето одлуки.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Претходно денеска Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата соопшти дека бара веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка, укажувајќи дека повеќе делови во предложениот текст водат кон сериозно уназадување на заштитата од корупција во јавните набавки.

Од Платформата реагираа на тоа што со измените се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки и, идентично како и ДКСК, изразија загриженост затоа што се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без притоа да бидат исполнети условите за разрешување и без какви било јавни консултации.

Според Платформата, ова претставува упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт и опасен преседан кој води кон дополнителна партизација на институциите.

Особено, велат оттаму, загрижува моментот кога се предлагаат овие и низа други измени во Законот.

„При историски највисок буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, ваквите измени се чекор назад во градење на систем кој може да ја спречува  и ефективно да ја санкционира корупцијата“,велат од Платформата.

Предлагачи на измените на Законот за јавните набавки се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ – Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски и Љупчо Пренџов. Предлог-законските измени се во фаза на второ читање и оваа точка е разгледана од матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, а дополнително пред за неа да се расправа во рамките на 22. Пленарна седница чија точка на дневен ред е, треба да го помине и филтерот на Законодавно-правната комисија.

Потребата од носење на измените предлагачите ја оправдуваат и образложуваат со „постигање на чекорите планирани со Реформската агенда во рамки на Планот за раст за Земјите од Западен Балкан“.

„Како дел од Реформската агенда се предвидени повеќе реформи во делот на управувањето со јавните финансии, меѓу кои и реформата: ‘Зајакнување на системот на јавните набавки’“,

се вели во образложението на предлог-законските измени.

Во делот кој се однесува на Државната комисија за жалби по јавни набавки, за што реагираат од ДКСК и од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, предлагачите велат дека со измените се предвидува зајакнување на нејзиниот капацитет со дополнителни два члена.

Сепак, предложените измени, како што може да се види од текстот, предвидуваат распуштање на актуелниот состав и избор на нов претседател и членови преку оглас кој Собранието треба да го распише 15 дена по влегувањето во сила на измените на Законот.

Принтскрин од членовите 17 и 18 од предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки

Со предложените измени „управната контрола станува ‘административна проверка’“, а во таа насока се менуваат седум члена од Деветтата глава на Законот, која наместо „Управна контрола и ревизија“, се именува „Административна проверка и ревизија“.

Back to top button
Close