До 22 август Обвинителството треба да одлучи дали ќе подигне обвинение против Груби, во спротивно му се укинува куќниот притвор

До 22 август годинава истекува максималниот законски рок за мерката куќен притвор на ексвицепремиерот Артан Груби, висок функционер од редовите на Демократската партија за интеграција (ДУИ). Доколку до тој датум Обвинителството не подигне обвинение, мерката ќе биде укината, објави порталот „СДК.мк“.

Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и ексминистер за политички систем / Фото: Архива

Груби, дома е од 23 февруари, односно истиот ден кога се врати во земјава по повеќе од една година бегство од органите на прогонот.

Од Основниот кривичен суд Скопје во изјава за порталот соопштија дека во таков случај Судот по службена должност ќе определи друга мерка за обезбедување на неговото присуство, најчесто одземање на патната исправа.

„Ако нема обвинение, куќниот притвор на осомничениот се укинува, а Судот по службена должност определува мерка за обезбедување негово присуство. Најчесто тоа е одземање на патната исправа“,се вели во соопштението од Судот.

Од Јавното обинителество на РСМ за ТВ Телма, пак, велат дека истрагата е се уште во тек, како и дека не можат да споделат нови детали за предметот.

Савески: Принципиелно, ја поддржувам одлуката на обвинителката да ја запре истрагата за случајот „Мазут“

На 3 јуни, државниот јавен обвинител Ненад Савески на брифинг со новинарите го коментираше и случајот со Груби, посочувајќи дека досега не е испрашан зашто сè уште се собираат докази.

Како и кога ќе даде исказ, рече дека зависи од предметниот обвинител кој прави истражен план.

„Во овој момент сè уште се собираат докази за во една зрела фаза, кога обвинителот ќе оцени, да го повика за да го соочи со доказите. Лична проценка на обвинителот е дaли се доволни доказите или не. Во однос на притворот, обвинителот предлага, но Судот цени дали е издржано барањето или не“,кажа Савески.

Груби е второосомничен во случајот со „Државна лотарија“. Тој ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.

Тој, по повеќе од една година во бегство, на 23 февруари годинава се појави на граничниот премин „Блаце“, каде беше приведен од полицијата и спроведен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари на издржување на мерката притвор што претходно му беше определена. Сепак, во „Шутка“ се задржа само неколку часа. Беше спроведен во Основното јавно обвинителство Скопје, кое предложи, а судот прифати на бегалецот наместо затворски да му биде одреден куќен притвор.

Објаснувањето на Обвинителството за ваквата одлука беше дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле дека во притворското одделение на затворот „Скопје“ не може да се гарантира безбедноста на Груби, а деталите за ова биле презентирани и пред судијата на претходна постапка

Back to top button
Close