До кога со овој колективен економски и социјален „МАЗОХИЗАМ“?

За жал, животот секојдневно ни презентира примери на луѓе кои пасионирано шират негативна енергија, не пропуштајќи ниту една прилика за да креираат проблем за секое понудено решение… Скоро без исклучок, околу секоја квалитетна идеја и околу секоја добра цел, проблематизирањето и деструктивноста инстантно се налепуваат како кондензат-капки околу некоја цевка низ која протекува ладна вода.

Живееме во свет во кој вишокот килограми оправдано се третира како здравствен проблем, а недостигот или недостаточната употреба на мозокот – Не! Чинам имаме некои синдромално пореметување во нашиот ментален склоп, па како всушност и да не сакаме да успеваме и победуваме како колективитет. Излегува дека сме подготвени да направиме сè за никако да не се одлепиме од вековната себе-перцепција на професионални жртви и страдалници. Постојано со полна уста изјавуваме дека сите сме за економски и социјален развој, за напредок, за подобра сегашност и иднина – но, некако перверзно и во мазохистички манир како да уживаме токму во самоповредување и себепонизување стимулирајќи го така вкоравениот имиџ на судбински „лузери“.

Со години наназад сите без исклучок, констатираме и се жалиме на девастирачките последици од „белата чума“ или континуираното иселување на нашите граѓани кон економски поразвиените земји во нивната легитимна потрага по среќа и подобри услови за живот. Со години сите мудро зборуваме и промовираме програми за привлекување на домашни и кредибилни странски инвеститори кои со одржливи капитални проекти брзо и ефикасно ќе ја подигнат националната економија. Но, за жал, без задоволителни резултати!

Најчесто сме индиферентни и не реагираме на еклатантните примери кога со брутално неподнослива леснотија неаргументирано се сатанизираат некои (од инаку ретките!) постојни инвестициски проекти, правејќи сè „клетите профитери“ да се откажат и конечно да ги истераме од нашата земја… Да, звучи парадоксално но за жал вистинито!

Конкретен таков пример е беспоштедниот и манипулативен атак кон мега-инвестицискиот Проект на Еуромакс Ресорсис за рударскиот комплекс „Иловица-Штука“. Самодекларирани „сè-експерти“ кои под закрила и со злоупотреба на легитимниот граѓански активизам запенавено повикуваат „во име на народот(?) на бунт и радикални активности против странскиот инвеститор, корумпираното судство и корумпираните политичари…“. Преку социјалните мрежи агресивно користат говор на омраза и поттикнуваат следбеници дури и за физичко линчување на менаџментот и вработените во Еуромакс Ресорсис??? Френетично ги повторуваат сите трогателни пароли за „рудник на смртта“ или „еко-геноцид“ без притоа да понудат и презентираат барем минимум научно фундирани ставови со кои би се овозможила транспарентна и аргументирана дебата во која би се зборувало за – високи стандарди, најсовремени технологии, прецизна регулатива и нејзина стриктна примена. Фрапантно е што дури и во ова актуелно време на глобална здравствена, економска и социјална криза од епски пропорции и со разорни последици, ние упорно одбиваме да се ресетираме и искрено да се обидеме со конструктивен и позитивен пристап, овој веќе постоен мега-проект на капитална инвестиција да го поддржиме како уникатна win-win можност од заемен интерес, за брзо и ефикасно заздравување и прогрес на националната економија преку долгорочно, извозно ориентирана дејност, атрактивни и квалитетно платени директни и индиректни работни позиции во процесот на еколошки безбедно и одржливо рударство на 21. век!!!

…Ми требаше време за да сфатам дека најгласните и „најзагрижените“ активисти всушност и не се свесни колку тоа не знаат за вистинските вредности на овој современ рударски комплекс, а што е уште поразочарувачки, очигледно е дека тие и не сакаат да дознаат!

Сепак, позитивната енергија и конструктивниот оптимизам се извонрено важни работи затоа што само тие ги движат работите напред кон посакуваниот исход… Оптимизмот е клучната енергија за ПРОГРЕС!

 

Д-р Живко Груевски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close