До МЖСПП се уште не стасал документ за влијанието на планираните постројки за третман на отпад во Гази Баба врз животната средина

До Министерството за животна средина и просторно планирање досега не е стигнат документ за стратегиска оцена за влијанието врз животната средина за планот со кој се предвидува отворање постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад во Општина Гази Баба

-Кога ќе пристигне до мене таков документ ве уверувам дека со внимание ќе го разгледам. Ќе остварам и средби со невладиниот сектор. Доколку има потреба ќе се обратам до сите надлежни институции да го дадат своето мислење, затоа што треба да бидеме внимателни по ова прашање со оглед на параметрите кои укажуваат на висината на загадувањето на воздухот, па и на другите медиуми во животната средина, рече заменик-министерката за животна средина и присторно планирање Христина Оџакиевска одговарајќи на пратеничко прашање.

Во врска со ова, рече таа, до нас се стигнати многу забелешки од граѓаните и на ова прашање ќе му се пристапи со големо внимание.

-За тешка и загадувачка индустрија за која зборуваат граѓаните треба многу сериозно да се пристапи кон тоа прашање. Не би сакала да шпекулирам, сакам да го добијам документот кај мене и за тоа јавноста ќе биде информирана, рече таа.

Прашањето го постави пратеничката Гордана Силјановска Давкова која побара одговор зошто Министерството молчи за трите урбанистички проекти во општина Гази Баба со кои, како што нагласи, се предвидува отворање фабрика – топилница за термички, физчко – хемиски,  и хемиски третман на цинкова филтер прашина и згура од Макстил и други челичани. 

Back to top button
Close