Добро утро, браќа Бугари!

Што и да одлучиле во бугарската влада – блокада, вето, одложување на преговорите со ЕУ, големата штета е направена. Денешната нивна победа за догледно време ќе биде голем пораз. Ќе треба многу години да се залечи раната.

    

Денеска, 17 ноември 2020 година, се раздени и во Бугарија, а по неколку минути и во Македонија. Нешто подоцна и во Брисел. Сонцето изгрева и заоѓа и кога не се гледа. Добро утро мили комшии и браќа Бугари, можете да нарачате зурли и тапани и да ја прославите големата победа над Македонија. Што и да одлучиле во бугарската влада – блокада, вето, одложување на преговорите со ЕУ големата штета е направена. Денешната победа за догледно време ќе биде голем пораз.

Ќе треба многу години да се залечи раната, која и онака не беше зарасната.Во колективното паметење на овие и идни генерации граѓани на Македонија ќе остане врежано дека со притисоци, ароганција, со катастрофална политика  и со злоупотреба на вашата позиција во ЕУ нанесувате голема неправда кон една држава која не претставува никаква опасност ни за вас, ниту за соседите, ниту за Европа. Ако тоа сакавте да го постигнете, успеавте само до некаде. Тоа што досега го направивте, тој срам, не го пере ни Вардар, ни Дунав.

Тоа ли беше вашата национална и државна стартегија кога проповедавте дека членството на Македонија во ЕУ е врвен стратегиски приоритет на Бугарија? Ако тоа беше врвна стратегија, да ја запрете Македонија на патот на прогресот и европеизацијата, добро одработивте и против граѓаните на Македонија, но и против себе.

Последната крастава жаба

Ова не е патетична реакција за едно големо злодело. Напротив, ова е уште еден безначаен и залуден обид на еден старомоден весникар да ја потврди вистината искажана уште пред три децении – дека Македонија ќе стане членка на ЕУ оној ден кога тоа на нашите граѓани ќе им биде сеедно.

Големата радост од припадноста на европското семејство е примерна само за оние кои таму стасале незаслужено, со влез на мала врата, со протекција како подарена оценка на повторувачот да оди во погорниот клас. Одмаздата на поранешните повторувачи кога ќе дојдат на власт, секогаш е неуспешно лечење на комплексите.

Македонија ќе биде членка на ЕУ, сакале вие или не. Тоа е историска неминовност. Последната крастава жаба што ни ја сервираат бугарските политички лидери и влада не можеме да ја голтнеме и да сакаме. Преголема е.

Со овој инцидент на историјата ќе успеете на денешните генерации во Македонија да им го блокирате патот кон Европа, без оглед дали тоа ќе биде со одложување на почетокот на преговорите, или додека траат. И толку. Ништо повеќе. Ќе остане горчината од туѓиот срам оти повторно ја применивте доктрината на нашиот сонародник и знаменитиот бугарски премиер и политичар, ресенчанецот Андреј Љапчев: „Со овој народ покроце, покроце и со малку ќотек.“ Е, па еве ни удривте  уште еден бугарска завратница и во 21 век. Кој не го јадел тој ќотек, не знае. Ние знаеме, го јаделе нашите предци повеќепати, ама издржале. Така ќе биде и овојпат.

Секое зло и за добро. Велам за арно, бидејќи направивте ревизија на историското признавање на Македонија, како прво во светот, на независноста на нашата држава. Со тоа признавте и се’ друго што припаѓа на една парламентарна демократска држава која има неприкосновено цивлизациско и меѓународно право да си го уредува своето општество како што сака народот и како што налагаат демократските придобивки и човековите права и слободи на национална, верска и јазична припадност. Државите тоа не го прават со преговори, туку со признавање на државноста, исто како што признавањето на независноста и сувереноста на една држава не дозволува меѓудржавни преговори за историјата. Тоа е работа на науката, а не на влади и комисии со политички притсок. Тврдиот став на Бугарија за вето поради барање бугарски корени овде се доживува како каење за признавањето на Република Македонија во деведесеттите години на минатиот век и како неприфаќање на Договорот за добрососедство со политички анекси, декларации и притисоци. Блокадата на Македионија за почеток на преговорите ја засега и Албанија и Грција со доведување до неспроведливост на обврските од Преспанскиот мировен договор.

Како ќе се справат Бугарите со ЕУ за оваа деградација на европските вредности, ќе се дознае во догледно време. Ниту една зема членка на ЕУ, кога е осамена во своите ставови, а за првпат некој ги оспорува посебноста на народите и јазиците и самоопределувањето, не ја добила битката со Брисел. И по членството на Македонија во ЕУ ќе остане уште долги години горчината од навредата на македонскиот народ. На ова предупредуваат и повеќе бугарски интелектуалци и јавни личности.

Довидување до следната „војна“

Засега, довидување до следната „војна“, по која за неколку години ќе седнеме на заедничката маса во Брисел во други порамноправни околности.

Сега да се вратиме во нашата реалност. Додека премиерот Зоран Заев ја примаше големата германска награда на Фондацијата „Фридрих Еберт“ за заслуги во одбрана на човековите права и слободи, ВМРО- ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски го прогласија по илјадити пат за предавник и платеник кој ги распродава националните и државните интереси. За блокадата на Бугарија испадна најголем виновник премиерот Заев. Она што Бугарија го постигна со своите ултиматуми, да ја обедини Македонија за идентитетските посебности, националната припадност, јазикот и историјата, опозицијата жестоко го злоупотреби тоа единство како своја заслуга. Наеднаш, од најголемиот кочничар на евроатланските интеграции на Македонија и главен промотор и политички агитатор на античкото минато на Македонците, сега ВМРО-ДПМНЕ е најзагрижена за почетокот на преговорите со ЕУ. Никогаш, ниту еден функционер на оваа единствена легална револуционерна партија во Европа не призна колкави штети и’ нанесоа на Македонија со таа политичка потрага по пославно античко минато. Се’ уште ги чуствуваме последиците од еднодецениската  маргинализација на словенството и негацијата на словенските корени на македонкиот јазик. Негаторите на таткото на македонскиот литературен јазик Блаже Конески сега во битките за власт се најголемите гласноговорници во одбрана на јазикот. Го цитираат „џуџето од Небрегово“ без срам и перде, без ниту еднаш да се извинат за големиот срам кога се ставија на иста бранова должина со бугарските националисти и плукачи на Конески. Власта секогаш им била попривлечна од патриотизмот. Ќе го поништуваа Преспанскиот договор со Грција и ќе правеа подобар. Не веруваа во членството во НАТО додека тоа не се случи за да си припишат и себеси заслуги. Сега тие ќе ја внесуваат Македонија во ЕУ и ќе ги средуваат односите со Бугарија, откривајќи по којзнае кој пат домашни предавници и платеници.

Членството на Македонија во ЕУ нема да го запре Европа, нема да успее ни Бугарија со блокадите. Тоа може да го постигне само примитивниот популизам на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините водачи. Додека не се европеизира оваа анахрона политичка партија, преговорите со ЕУ и да почнат утре, ќе траат додека оваа догматска раководна структура не исчезне од политичката сцена. Добро е што такви сознанија има во ВМРО-ДПМНЕ и се се’ погласни.

Eрол Ризаов

извор: ДВ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close