Додека Европа се дистанцира од Израел, Словенија го засилува сојузот со Тел Авив

Додека односите меѓу Израел и голем дел од европските земји се влошуваат поради односот кон Палестинците, Словенија под водство на премиерот Јанез Јанша тргнува во спротивна насока и најавува ново приближување кон Израел.

Во рамките на дипломатското приближување, израелскиот министер за надворешни работи во среда ќе ја отвори првата амбасада на Израел во Словенија, во Љубљана.

Овој потег претставува значителна промена во однос на политиката на претходната левoцентристичка влада, која беше меѓу најгласните критичари на израелската воена операција во Газа во рамките на Европската Унија и ја опишуваше како „геноцид“.

Одлуката за отворањето на амбасадата доаѓа само еден ден откако Обединетото Кралство и други европски земји предизвикаа остра реакција од Израел со воведување забрана за увоз на производи од израелските населби на окупираниот Западен Брег.

Словенија, пак, под раководство на Јанша го промени својот пристап. Владата ја повлече сопствената забрана за увоз од населбите, го укина ембаргото за оружје кон Израел и ја поништи забраната за влез во земјата за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и двајца негови министри.

Јанша, кој на почетокот на годинава по четврти пат стана премиер и често има несогласувања со Европската Унија, доби пофалби од Израел откако Словенија стави вето на изјава на ЕУ со која се осудуваат израелските населби на Западниот Брег.

„Му благодарам на премиерот Јанша за храброста и јасноста среде лицемерието на ЕУ“, напиша Нетанјаху на платформата „Икс“ кон крајот на минатиот месец.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар свечено ќе ја отвори амбасадата во среда, за време на неговата прва официјална посета на Словенија. Во израелското Министерство за надворешни работи Јанша го опишуваат како „пријател на Израел“.

Јанша ја опиша својата политика како обид за „нормализирање на словенечката надворешна политика и поправање на штетата“ што, според него, ја предизвикала либералната влада на поранешниот премиер Роберт Голоб.

За да го исполни својот приоритет – подобрување на благосостојбата на Словенците – владата ќе спроведува прагматични политики“, напиша Јанша во една од своите претходни објави.

Сепак, новиот курс кон Израел не наидува на едногласна поддршка во Словенија. Анкета спроведена во јуни од весникот „Дело“ покажала дека 56 отсто од Словенците се против зајакнување на односите со Израел, додека само 14 отсто го поддржуваат тоа.

Неколку организации за човекови права најавија протести по повод отворањето на амбасадата, а потегот беше остро критикуван и од опозицијата. Партијата на поранешниот премиер Голоб ја опиша новата амбасада како „возвраќање услуга“ за наводната израелска поддршка за Јанша за време на изборите во март.

Последните денови од предизборната кампања, пред изборите на 22 март, беа проследени со обвинувања за странско мешање. Словенечките власти истражуваа дали израелската компанија „Блек кјуб“ стоела зад тајно сниманите видеа во кои биле изнесени наводи за корупција во владата на Голоб.

Јанша, кој се соочи со обвинувања за поврзаност на неговата партија со снимките, призна дека се сретнал со претставник на „Блек кјуб“, но негираше дека стои зад видеата.

Колумнистот на „Дневник“, Даријан Кошир, во свој коментар оцени дека Јанша служи како „американско-израелски тројански коњ“ во Европската Унија, преземајќи ја улогата што, според него, претходно ја имал долгогодишниот унгарски премиер Виктор Орбан.

Поранешниот словенечки претседател Данило Тирк за АФП изјави дека Словенија „станала инструмент на израелската политика“.

„Ова е многу непријатна ситуација“, додаде Тирк, кој е професор по меѓународно право на Универзитетот во Љубљана објави Скопје1.мк

Back to top button
Close