Додик се сретна со Херцог во Ерусалим

Претседателот на СНСД, Милорад Додик, денеска во Ерусалим разговараше со претседателот на Израел, Исак Херцог.
Додик престојува во Ерусалим како почесен гостин на меморијалниот собир во чест на поранешниот израелски претседател и премиер Шимон Перес.
Додик на Х напиша дека со Херцог разговарал заедно со директорката на Канцеларијата за меѓународна соработка на Република Српска, Ана Тришиќ Бабиќ, како и дека разговорот бил „искрен, пријателски и полн со меѓусебна почит“.
„Република Српска и Израел делат разбирање кое се гради врз историјата, борбата за опстанок и правото на народот да живее слободно на својата земја. Српскиот и еврејскиот народ ги поврзуваат страдањето, помнењето и одбраната на идентитетот, а нашите средби секогаш се потврда за долготрајното пријателство и сојузништво“, наведе Додик.
Тој му се заблагодарил на претседателот Херцог за гостопримството и отворените разговори.
„Република Српска останува доверлив партнер на Израел и ќе продолжи да ги чува и зајакнува односите засновани врз почит, доверба и заеднички вредности“, напиша Додик.






