Додик слета во Тел Авив со владин авион на РС и покрај потерницата издадена од босанскиот суд

Авионот на Владата на Република Српска денеска полета од Бања Лука за Белград, од каде по кратка пауза се упати директно кон Израел, каде деновиве ќе престојува лидерот на босанските Срби, Милорад Додик по кого босанскиот суд издаде потерница.

Додик и неговата делегација слетаа на меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во Тел Авив со авион на Владата на Република Српска.

Имајќи предвид дека Додик е лице од централната потерница, неговиот лет од аеродромот во Бања Лука претставува пропуст од државните агенции за спроведување на законот.

Во врска со тоа, Граничната полиција на Босна и Херцеговина (БиХ), по налог на директорот Мирко Купрешаковиќ, спроведува истрага за преминувањето на државната граница од страна на Додик.

„Граничната полиција на БиХ, како административна организација во рамките на Министерството за безбедност на БиХ, со оперативна независност, формирана за вршење полициски задачи поврзани со надзор и контрола на граничните премини во БиХ и други задачи пропишани со закон, постапува во согласност со својата надлежност и ќе ги преземе сите расположливи мерки за заштита на државната граница и зачувување на безбедноста на БиХ“, се вели во соопштението за медиумите.

Престојот на Додик во Израел е поврзан со конференцијата за борба против антисемитизмот, што ќе се одржи на утре и задутре во Ерусалим.

Back to top button
Close