Додик во водство на изборите за претседател на Република Српска

Според обработените 90,04 отсто од избирачките места, Милорад Додик од СНСД освоил 268 635 гласови или 48,36 отсто од гласовите. Речиси 30 илјади гласови помалку има опозицискиот кандидат за претседател на Република Српска Јелена Тривиќ со освоени 240 353 гласа
Кандидатот за претседател на Република Српска на владејачката Алијанса на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик е во водство со речиси 30 илјади гласови во однос на опозициската кандидатка Јелена Тривиќ.

Нешто пред 17 часот вечерва Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК) направи нов пресек на резултатите по вчерашните општи избори во земјата. Според податоците, Додик освоил 268 635 гласови или 48,36 отсто од гласовите.

Јелена Тривиќ (Партија на демократскиот прогрес ПДП), пак, опозицискиот кандидат за претседател на Република Српска освоила 240 353 гласа или 43,27 отсто од гласовите, објави Централната изборна комисија на БиХ со обработени 90,04 отсто од избирачките места.

Претходно денеска ПДП повтори дека нивниот кандидат победил на изборите за претседател на Република Српска, но дека во текот на ноќта имало изборни измами, особено во Добој, Зворник и Приједор.

ПДП најави дека ќе бара повторување на изборите за претседател на територијата на цела Република Српска, а ако тоа не е можно, тогаш во градовите, каде според нив се извршени најголемите изборни кражби.
Според последните информации за избор на претседател на Република Српска, обработени се 90,04 отсто од избирачките места. Од обработените гласови, 94,43 отсто од гласачките ливчиња се важечки, а 5,57 осто од ливчињата се неважечки.

Back to top button
Close