Документаристика: Ј.Б.Тито и македонското национално прашање

Aкадемик Божин Павлоски: бугарскиот национализам е дел од нивната државна стратегија 

-По осамостојувањето ние престанавме да правиме разлика меѓу патриотизмот и национализмот. Тоа го потхрануваа главно политичарите. Треба да се знае: патриотизмот е нешто возвишено, додека национализмот нешто геноцидно. Пак ќе го споредам времето пред осамостојувањето со ова сегашново. Тогаш бевме опседнати со приопштување на светските вредности кои се цивилизациско богатство. Многу поуспешно ја вмрежувавме Македонија тогаш отколку сега. Во таа меѓународна поделба на вредностите благодет виде нашата млада култура. Нема да го заборавам восхитот на Блаже Конески, кој во 1985 година, откако свечено ја отвори изложбата „Македонската книга на други јазици“ со 400 експонати, рече: „Значи, прифатени сме од светот“. 

Нашата мизерна политика урна многу воспоставени мостови. Затоа најсурово сме казнети од бугарскиот национализам кој е дел на нивната државна стратегија. 

Каракачанов и тогаш беше активен, но ние го доживувавме како некоја будалетинка (уште еден Шешељ). Сите наши историски и уметнички книги влегуваа во Бугарија, се продаваа на саемите и граничните „свиждана“. Ни во сон не можев да помислам дека ќе го извадиме од нафталин за да ни крои иднина.  

Ј.Б.Тито, македонското национално прашање и бугарскиот фашизоиден национализам

Кога Екатерина Захариева, денеска, ќе ни забранува да го негуваме споменот кон Ј.Б.Тито, да знаете, дека, таа многу добро знае што зборува. Изгледа налудничаво, ама, Катето, многу добро знае дека си ја навртува водата на сопствената воденица и кога од Тито прави светски диктатор! Мисицата од Пазарџик, многу добро знае дека нејзиниот идол Тодор Живков е оној вистинскиот диктатор, како што знае дека со денешна Бугарија (и со нејзе лично!) вледает еден телохранител на диктаторот и еден агент на диктаторската бугарска тајна служба ( ), Красимир Каракачанов.

Ни самите, пак, не треба премногу да знаеме за да бидеме на позитивната, вистинската страна на историјата. Доволно е само да гледаме што чинела фашистичка, и што чини денеска демократскаБугарија и да го правиме обратното.

Историјата е многу добра учителка на животот, но само за добрите ученици. Останатите ќе ги повторуваат и одделенијата (класовите) и историјата!

Екатерино, Ј.Б.Тито е тој кој и го обеле образот на фашистичка Бугарија по Втората светска војна!

Комунистичката партија во Бугарија дошла на власт благодарение на инвазијата на Црвената армија и претходно потпишаниот договор со Ј.Б.Тито во Крајова, Романија. Во согласност со советските планови, но и со сопствена цел да излезе од меѓународната изолација која му се заканувала на поранешниот сојузник на нацистичка Германија, Софија барала да учествува во завршната фаза на војната против неа. Во почетокот на октомври 1944 Бугарија и Југославија потпишале договор за воена соработка, насочен против германските трупи кои се повлекувале од Балканот.

На 9 септември 1944 во Софија се формира влада на Отечествениот фронт (ОФ) – коалиција на антифашистички партии, формирани по иницијатива на комунистите. Доста брзо, тие успеале да го стават под своја контрола целиот систем на државата, а ОФ се покажал дека е обичен инструмент, кој го легитимизира преземањето на власта од страна на БКП.

Во февруари 1945, “Конференцијата на тројцата Јалта потврдила одредени претходни договори меѓу Сталин, Черчил и Рузвелт, кои на Москва ѝ доделиле еднакво влијание, а Бугарија беше една од најпослушните на Големиот брат! Подоцна Сталин дефинитивно не ја прекинал идејата за јужнословенско обединување, на кое Лондон и Вашингтон силно му се спротивставувале.

Денешните македонски првенци – наивни бајчиња кои веруваат дека ЕК ќе застане зад јагнето – пред челуста на волкот!

Во октомври 2000 година, Европскиот суд за човекови права ја прогласи Бугарија за виновна за прекршување на членот 11 од Европската конвенција за човекови права врз пет точки, во врска со слободата за собирање и здружување. Во јануари 2004, во нејзиниот извештај за Бугарија, Комисијата против расизам и нетолеранција при Советот на Европа, исто така, ја критикуваше бугарската власт. Таа констатира случаи на заплашување и дискриминација во поглед на лицата кои отворено се изјаснувале како Македонци.

Во октомври 2005 година, Европскиот суд во Стразбур, повторно, ја осуди бугарската држава за прекршување на членот 11 од Европската конвенција за човекови права,поради неоправданото поништување на регистрацијата на ОМО „Илинден“- Пирин од страна на Уставниот суд во Софија.

Слична пресуда од Стразбур беше изречена и во јануари 2006. Сепак, во декември 2009 Советот на министри при Советот на Европа – институција која треба да ја контролира примената на одлуките на Европскиот суд, го прекина мониторингот на Бугарија во врска со регистрацијата на ОМО „Илинден“-Пирин.

Што се случи минатата година, со блокадата на нашиот пат кон Брисел, веќе знаете и затоа заклучокот: Денешните македонските раководители – наивни бајчиња кои веруваат дека ЕК ќе застане зад јагнето – пред челуста на волкот!?

Премиерот Заев, по потпишувањето на Договорот за добрососедство (сите што и сакаме добро на татковината го подржавме како мост за приближување на македонскиот и бугарскиот народ), направи неколку наивни чекори. А, кога ќе се направи првиот, следува синџир. Да се побара од Љубчо Георгиевски, да го помага тој процес (а во македонски интерес) е повеќе од наивноист. Тој беше еден од првите Најмакедонциод ВМРО-ДПМНЕ кој отворено заговараше ревизија на националната историја, на азбуката и на јазикот кој се употребува во Македонија.

Во средината на 90-тите години, од, сега веќе минатиот век, не шокираше со памфлетот: “Кој со кого ќе се помирува!?”. Во полемиката со историчарот, академик Иван Катарџиев, Георгиевски ги повтори аргументите на “истражувачите” од Софија во врска со „бугарското“ минато на македонскиот народ. ”Војводата изјавуваше и изјавува и денес дека половината од Извршниот комитет на партијата биле Бугари, а едниот од нив – Антониот Милошовски, не скандализираше со изјавите за џуџето од Небрегово!.

Девет години подоцна, во длабоката независност, бевме особено скандализирани од Љубчевиот министер за култура, Димитар Димитров, под чие покровителство беа објавени значајни извори за историјата на Македонија, кои ја доведуваат под прашање воспоставената историска практика и вистина, особено со неговата книга “Името и умот”, каде, таткото на нашиот денешен преговарач, беше фрустриран од „искоренувањето“ на Македонците од нивните „бугарски корени“.(Димитар Димитров, “Името и умот”, Скопје, “Наше дело”, 1999. Книгата беше веднаш преведена на бугарски јазик и уредена со поговор од поранешниот претседател Желев: Димитър Димитров, Името и умът, София, Скорпион, 1999).

Се разбира, крушата не мора секогаш да паѓа под стеблото, може и да се истркала, но овој факт е сосема доволен за мисицата од Пазарџик, од наш извор да си ја навртува водата на бугарската воденица!

Другари – господо, учете од Ј. Б.Тито – Кумровечки, баталете го оној од Псача!

Бугарите многу лесно го отфрлија водачот и учителотГеорги Димитров, по смртта во 1949 година. Му ги превртуваа коските во гробот, само затоа што беше интернационалец по убедување, како што беше и Ј.Б.Тито, во однос на македонското национално прашање. Во деведесеттите години, здружената орда комити на Георгиевски и Каракачанов, отфрлајќи го (со право) српското влијание во Македонија, го отфрлија и Ј.Б.Тито, без кого ние ќе немавме ниту нација, ниту држава.Тој никогаш не подлегна под српските притисоци: хипотеката на македонското прашање да не ја претпоставува прд целокупноста на односите со соседите”, односно политиканското нагодување на сметка на Македонците.

На Брдо кај Крањ Тито го прима живковистичкиот премиер Иван Башев, кому му одржа историска лекција по однос на македонското прашање, што ја повтори во говорот Во Љубљана, додека во демантот до Тодор Живков, по враќањето на Башев во Софија, напиша:

Во нашите односи, што е констатирано од двете страни, настапија сериозни политички потешкотии, особено во последните две години. Би сакал и во оваа прилика да укажам на некои битни факти. Во НР Бугарија, во публикации и изјави на некои раководни луѓе, посредно или непосредно, Македонците се прогласуваат за Бугари, што дојде до израз и во залагањето на другарот Башев за време на неговата посета на Југославија. Се негира македонската национална индивидуалност, а територијалните одредби на Санстефанскиот договор се доведуваат во врска со етничките граници на НР.Бугарија. Бугарската страна одбива да потпише спогодби и протоколи, потпишани и на македонски јазик, кој е рамноправен со другите јазици на Југославија.Тоа не може да биде предмет на разговор межу две држави, туку е исклучиво работа на уставниот поредок на Југославија”.

И, заклучокот: Би сакал по ова прашање да бидам докрај јасен: не може да се примени фактот за постоењето на нацијата со сите нејзини историски и други атрибути и на СРМ како интегрален дел на СФРЈ, ниту тоа може да биде предмет на било какви погаѓања на раководствата на нашите две земји”.

Во пролетта 1974, Тито го одложува самитот со Живков на неодредено време: изговорот бил отсуството на некоја референца за македонското малцинство за време на претходниот Пленум на ЦК на БКП.

Ете, другарки и другари, дами и господо, кажете им го на Бугарите тоа од Ј.Б.Тито: македонската нација и јазик, со сите нивни историски и други атрубути, не може да биде предмет на погаѓања, мегу вас и бугарското раководство”!

Се до потпишувањето на Преспанскиот договор, српските националисти, особено Слободан Милошевиќ, имаа заедничка граница!” со Грција, поради заедничкото братско историско минато и традиционално пријателство”! Но, така не мислеше југословенскиот лидер, затоа е потребна таа динстикција:“Националните малцинства во СФРЈ уживаат право и заштита на својот културен развиток и слободна употреба на јазикот– член 13 од Уставот.

И уште нешто: Југославија, под Титово водство, го потпиша и го спроведуваше Хелсиншкиот документ, но, откако декларираше длабока и принципиелна разлика меѓу принципот на неприкосновеноста на границите и принципот на дефинитивноста на границите. И тоа токму поради македонското прашање. Неприкоснопвеноста и неповредивоста на границите, значи признавање на денешниот статус на Европа и ненарушување на истиот со било каква сила – границите се неповредливи, а КОНЕЧНОСТА значи одречување на одделни делови на нашите нации – ДЕФИНИТИВНО И ЗАСЕКОГАШ!

Тоа е денешната стратегија на Бугарија, за тоа се залагал и дел од српското раководство, вршејќи притисок врз тогашното македонско раководство, да објави ДЕФИНИТИВНОСТ на границите кон Бугарија и Грција, на што Ј.Б.Тито се спротивставувал. Нашите млади поколенија треба тоа добро да го запаметат. Секако и нашите државни глави, кои во Софија испраќаат шарлатани и егзибиционисти – национални арамии, неизживеани парадери и продадени души (ОЛЕСНУВАЧИ!).

Блед, или блеф – несреќниот епилог од „медениот месец“ меѓу Бугарија и Југославија!

За разлика од Србите, Тито имал силна поддршка, по однос на македонското прашање, кај словенечкото, па и хрватското раководство (Милка Планиц и Мика Трипало) .Дали, можеби, затоа Маршалот, Бугарите ги влечкал се до Брдо кај Крањ! Таму е направен и првиот конкретен чекор кон јужно-словенската федерација, крајот на јули – почетокот на август 1947, со средбата на бугарскиот и југословенскиот водач, Георги Димитров, односно Ј.Б.Тито.

Димитров и Јосип Броз Тито (во присуство на македонскиот лидер Лазар Колишевски), се согласиле за низа договори кои се однесувале на политичките односи и на економската соработка меѓу двете земји. За возврат, Софија била обврзана да воведе низа македонски културни институции во Пирин и да организира настава на македонски јазик и историја. Договорот за „пријателство, соработка и взаемна помош“ меѓу двете балкански земји бил потпишан само неколку месеци подоцна во Евксиноград (Бугарија).

Во ноември 1947 во Горна Џумаја бил отворен Македонски народен театар, со првиот раководител Илија Милчин, Книжарница со идеолошки марксистичко ленинистички книги, дела од советската литература, преведени на македонски, но, исто така, и учебници за македонски, првата „Граматика на македонскиот јазик“ од Круме Кепески (1946), изданија на Григор Прличев (“Сердарот”), Крсте Мисирков (“За македонцките работи”), Кочо Рацин и на современи поети како Венко Марковски и Славко Јаневски.

После 1974 доаѓа до ново влошување на бугарските и на македонските позиции. Во Бугарија, Парламентот изгласал нов државен Устав, кој го заменил оној од 1947 наречен „Уставот на Димитров“, кој, со членот 79, на националните малцинства им го гарантираше “правото на образование на мајчин јазик и развојот на нивната национална култура“. За Македонците, токму оваа одредба била спроведена во периодот на културната автономија на Пирин.

Всушност, споменатиот член бил избришан уште од 1971 по една измена во Уставот, а со новите уредби од 1974 концептот на „национално малцинство“ е целосно избришан од бугарското законодавство.

Вапцаров и Струшките вечери на поезијата (СВП)

Организаторите на поетскиот фестивал во Струга (СВп), во официјалната програма за 1979 година, ја објавиле прославата на македонскиот поет Вапцаров. По овој повод, Сојузот на бугарските писатели објави специјална Декларација против „македонизацијата“ на „бугарскиот поет“, што предизвикало одбивање учество на Фестивалот од страна на одредени чехословачки, полски, кубански, источно-германски и советски поети.

Истата година, излезе третиот том од сеќавањата на Цола Драгојчева, висок функционер на БКП, шеф на „Комитетот за бугарско-советско пријателство“ (институција рамна на министерство!). Беше објавен и Извадок од овој том, во форма на книга, посветена на односите меѓу БКП и КПЈ во текот на Втората светска војна.

Бугарската раководителка дискутира особено за скандалот околу Методија Шаторов-Шарло, водач на комунистичката организација во Вардарска Македонија, притоа обвинувајќи ги југословенските раководители за „национализам“ со „големосрпски“ тенденции.

Личноста која е најмногу на мета на критиките на Драгојчева е пратеникот на Тито во Вардарска Македонија, Светозар ВукмановиќТемпо, кој веќе ги имаше бјавено неговите сеќавања од војната, во книгата Борба за Балкан”. Драгојчева пишува дека БКП била принудена да прави одредени „отстапки“ под силен притисок од југословенска страна. Драгојчева се обиде да ја спаси БКП од обинувањата за национализам, додека нејзината публикација, сугерираше историско потсетување на развојот на целокупното Македонско прашање уште од Берлинскиот конгрес наваму.

Големобугарскиот национализам промовиран од Софија, во осумдесетите години, доби димензии кои ги надминуваат дури и буржоаските резултати од меѓувоениот период. Во 1981 беше организирана најголемата прослава која се одржала во историјата на современа Бугарија: 1300 години од бугарската држава, која многу потсетува на моделот од 2050-годишнината од дакиската држава славена во 1980 во Романија на Николае Чаушеску.

По тој повод, раководството на БКП започна низа иницијативи кои го поместувале акцентот на официјалниот национализам врз „величината“ на првата бугарска држава. Македонија не беше заборавена: во текот на еден состанок на окружниот комитет во Благоевград, Живков повторно ја искажа „потребата“ од непопустливост кон Македонското прашање: „Ние никогаш не го пренесовме огнот на нивната територија, дури и во време на Информбирото. Никогаш! Но, ако тоа се наметне, ќе го пренесеме и на нивната територија“!!!

Статистичкиот геноцид и заканата на Тодор Живков за воена интервенција во Македонија!

Бугарското раководство испрати свои трупи при загушувањето на Демократската пролет во Чекословачка, а пред тоа и во окупацијата на Унгарија. Силни воени структури беа распоредени на бугарско – македонската граница, особено, кај Страцин. Белград ја го засили притисокот, поврзувајќи го проблемот на Македонците со оној на Турците во Бугарија: oд февруари 1983. Претседателот на ЦК на СКЈ, Словенецот Митја Рибичич, ја нападнал политиката на Софија кон двете малцинства.Бугарските раководители спроведоа присилна национална хомогенизација, без еквивалент во Источна Европа. Во текот на зимата 1984-1985, турското население беше прогласено за етнички бугарско и принудено да си ги смени имињата. Повеќе од 800 000 лица беа обврзани да прифатат бугарски имиња, во насилен процес, официјално оквалификуван како „преродба“ (Възродителен процес) на „вистинскиот“ идентитет на муслиманското туркофоно население.

Истовремено, статистичкото „исчезнување“ на Македонците, го доживува својот зенит. Од неколку ститини илјади, останале само 9. 632 лица кои се изјасниле за таква „националност“, од кои само 1 437 живееле во регионот на Пирин (Благоевградски административен округ). Тоа претставува помалку од 0,5% од вкупното население на округот и помалку од 1% од претходно попишаните 178 862 Македонци, додека во цела Бугарија имало само 462 Македонци кои го зборуваат тој јазик!!!

Присилна бугаризација на егејските Македонци – насекаде во светот

Бугарското раководство, проектот за демакедонизација, го води систематски и темелно, како во Бугарија, така и во целиот свет. Преку Словенскиот комитет бугарската политика навлегува во животите на егејските бегалци, протерани во граѓанската војна, во земјите од социјалистичкиот лагер. Комитетот го растура своето списание Славјани (Славяни), како и на други изданија, во бегалските центри во Источна Европа, особено во Полска. Бугарската амбасада во Москва развива кампања за популаризација на земјата меѓу грчките политички емигранти – Македонци од Егејска Македонија во Ташкент.Во самата Бугарија, особено во Пловдив, Пазарџик, Бургас и Варна, еден од најубавите градови, на кој слугите од Софија му го заденале името-Сталин!!!

Со Специјална резолуција, Секретаријатот на ЦК на БКП го задолжила Словенскиот комитет да ја „врати бугарската национална свест“ кај егејските студенти запишани на бугарските универзитети. После 1981 владата на Андреас Папандреу дозволи дел на бегалците во Бугарија, да се вратат во Грција, но амнестијата важеше само за лицата со „грчко потекло“ (Ellines to genos), а го исклучуваше враќањето на славофонското население.

Монархо-фашистите, андардите во Грција, протераа стотици илјади Македонци, кои се засолнија по сите светски меридијани. Во Австралија, уште во 1946, беше формиран Македонско-австралискиот народен сојуз (Macedonian Australian People’s League или МАНС) од страна на активисти на левицата, со потекло од Егејска Македонија. Една од главните задачи на Сојузот беше поддршка на македонското партизанско движење во текот на Граѓанската војна во Грција.

На Втора конференција во 1948 , Сојузот ја отфрли употребата на бугарскиот стандарден јазик и го издава својот весник, “Македонска искра”, на македонски. Официјална Софија работеше на расцеп во македонската дијаспора во Австралија, по основањето на „македонско бугарската“ црква „Свети Кирил и Методиј“ во Мелбурн. Водачите на Сојузот, од своја страна, ја воспоставија првата „Македонска православна автокефална црква“ во светот – „Св. Ѓорѓи“, исто така, во Мелбурн (1959).

Преку Комитетот на Бугарите во странство, претставниците на бугарската држава, го рушеа македонското единство во Канада и САД.

Двосмисленото признание на македонската независност

Официјална Софија, во одбрана на својата асимилаторска кауза, често знае да повторува дека прва ја признала македонската независност. Тоа е факт, но треба да се дообјасни, особено за младата популација. Бугарија, прва го објави тоа (по посетата на Борис Елцин, уште за време на неговиот лет за Москва!), додека временски, хронолошки, прва што тоа го направи беше Анкара.

Тоа и се припишува на демократската влада на Жељу Жељев, Макеедонците тоа ќе знаат да го ценат, но со сета папазјанија на бугарските политичари во новата „јазична контроверзија“! Имено, признавањето на македонската независност од страна на Бугарија е само по себе двосмислено. Набргу по чинот на Владата, претседателот Желев изјави дека Бугарија ја признала само „политичката творба“ наречена Република Македонија и дека неговата земја никогаш нема да ги признае македонската нација

Желев и останатите од Сојузот на демократските сили (СДС) само ги папагализираа постулатите од времето на Живков: македонската нација е „создадена вештачки“ и тоа врз база на бугарската народност, која постоела во Вардарска Македонија. Македонскиот јазик е бугарски дијалект, изменет под свесно наметнатото српско влијание. Сепак, двете држави би имале „заедничка историја“, а „жителите“ на Република Македонија би требало да ги признаат „фактите“ и „историските реалности“.

“Преку дистинкцијата меѓу „држава“ и „нација“, оваа реторика го открива лабавиот иредентистички аспект на политичкиот акт од Софија. Во прво време, тој целел да го пресече авторитетот на Белград врз Македонија. Оттогаш, таа била перцепирана како „втора бугарска држава“. Мошне видливо, бугарското признавање на Република Македонија, воопшто, не претставува „промена“ во однос на времето”, пишува бугарскиот историчар од Институтот за философија и социологија при Бугарската академија на науките (БАН), еден од потписниците на јавното писмо со кое го осудуваат Меморандумот што официјална Софија го упати до членките на ЕУ.

За жал, со чесни исклоучоци,нНикаква промена не може да се забележи ниту кај бројните бугарски медиуми кои се појавиле во почетокот на 90-тите години од минатиот век. Каква и да била нивната политичка наклонетост, тие држеле само една интерпретација: Македонците се „етнички Бугари“, македонскиот јазик претставува „дијалектна варијанта“ на бугарскиот јазик!

Со Бугарија владеат еден телохранител и еден агент од времето на тврдиот болшевизам!

Падот на Железната завеса и промените од 1989 во Софија, особено падот на Тодор Живков, следната година, се искористени за нов националистички активизам, во што предњачат млади историчари од универзитетите во Велико Трново и во Софија, форсирајќи поактивна промоција на националната кауза во врска со Македонија. Тоа се групи поврзани со државните тајни служби (КДС). Во декември истата година, иницијаторите на националистичката обнова, врз база на друштвата, ја оживеале организацијата наречена ВМРО, една во Македонија и една во Бугарија.

Бугарското ВМРО-СМД го застапуваат поранешни комунистички функционери, а, како нејзиниот прв водач – историчарот Димитар Гоцев, заедно со некогашните ветерани на ВМРО –михаиловистичка. Уште со својот прв статут, ВМРО-СМД цели кон „целосното и неповратно решение на Македонското прашање“!Тие соработуваат со членови од македонското ВМРО (ДПМНЕ), застапници на бугарофилска тенденција. 1994 влегуваат со два мандата во бугарскиот Парламент, под раководството на нејзиниот нов лидер – Красимир Каракачанов, дипломиран историчар од Универзитетот во Софија и поранешен агент на КДС, сега како ВМРО-БНД („Бугарско национално движење“), со бројни скандали, корупција и фалсификати.

Веле Митаноски

Back to top button
Close