ДОПРЕН ГЛАС

Па, овие тука не умеат сами ни ѓубрето да си го исчистат. И буквално. И фигуративно.

Артан Груби и во писмото со кое се прости од политиката напиша дека сѐ што правел, правел со стратешките партнери од САД. Не е проблем што правел со нивно знаење, туку што правел без нивно знаење. И веројатно сметал на нивната поддршка сликајќи се со американските знамиња. Не верувам дека Американците не ги имале собрано доказите за него и додека беше вицепремиер. И тоа – прв вицепремиер. Сега не е на власт, па му дојде и нему редот да им се придружи на останатите означени звучни имиња од македонската политичка и бизнис елита.

Заштитата, која Груби ја злоупотребуваше, демек Американците се со мене, падна кога и тој падна од власт. Искрено, би сакал да верувам дека со ставањето на црна листа на висок функционер  на ДУИ, и тоа особено влијателен како што е Груби, американската администрација испраќа порака и дека политичките лидери на Албанците во Македонија не треба да сметаат на бланко поддршка, колку и да ги вејат американските знамиња.

Амбасадорката Агелер рече дека означувањето на Груби и Беџети од Стејт департментот е доказ дека политичкото влијание во судството не може и нема да се толерира. Значи – рацете подалеку од судството. Па, судство е и Уставниот суд пред кој ДУИ по којзнае кој пат го започна процесот на закани со војна ако се расправа за законот за јазиците. Во која држава Уставен суд не разгледува уставност на закони? И каква е таа будалаштина дека Уставниот суд не смее моноетнички да одлучува за прашања што ги засегаат Албанците? Тие луѓе што седат таму, уставни судии ли се, или се Македонци и Албанци? Што расправаат? Дали нешто е уставно или противуставно или за личните чувства си расправаат, кој е голем Македонец и кој е голем Албанец? Значи, малку ни се посебни универзитети, школи и градинки, ај сега и посебни судови за Албанци да направиме. Што е следното? Посебни болници?

Ако не, па ајде да го укинеме Уставниот суд и да го оставиме само Али Ахмети таму во шаторот, бидејќи тој најдобро знае што е уставно.

Малку, малку, штом ДУИ не е на власт, одма со војна се закануваат, одма чизмите од таван ги вадат, ножевите ги острат, пушките ги чистат… За волја на вистината, и ВМРО-ДПМНЕ убаво си се храни со тие закани. Од првиот ден откако стана премиер, Христијан Мицкоски не престана да зборува за дестабилизација. Позната ни е таа ситуација. ДУИ се заканува. А ВМРО-ДПМНЕ нѐ плаши со заканите на ДУИ и ни се фали дека ќе нѐ брани.

Туку, дај да не отвораме стари рани, од типот на Диво Насеље. Уште не се залечени. И уште болат

Цњлата колумна на Горан Михајловски на сдк мк

Back to top button
Close