Дождот го враќа животот во Охридското Езеро

Но, не е само сушата најголем непријател на езерото. Македонскиот бисер со години наназад е жртва и на човековата негрижа и безмилосно узурпирање на природата, пишува Дојче веле.

Охридското Езеро деновиве е над природниот минимум, но сепак под просекот, откако силни врнежи дожд го зафатија регионот. Големи промени нема во нивоата на Охридското и Преспанското Езеро, кои и натаму се под месечниот просек, но обилниот дожд, по долгиот сушен период, го враќа животот во езерата. Жителите во охридско-преспанскиот регион се радуваат на секоја капка дожд – таа значи нова надеж и за еколошкиот опстанок на природното непроценливо богатство, но и за животинскиот свет, кој со повлекувањето на водата, беше оставен буквално на суво на брегот на езерото.

Зголемен водостој

Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи, Охридското Езеро се наоѓа на кота 693,15 метри надморска височина, што е пет сантиметри над дозволениот природен минимум, но е 23 сантиметри под просекот за јануари (693,38 м.н.в.).  УХМР најавува пообилни врнежи во западните делови, каде се прогнозира дека е можно да наврнат и над 30 литри на метар квадратен дожд. Се најавува зголемување на водостоите не реките, поради што се апелира на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците, особено покрај оние во западните делови од државата. Значително висок ќе биде водостојот на реката Сатеска во чии сливови можни се локални излевања.

Според прогнозите и во наредниот период се очекуваат врнежи од дожд, локално и до 20 литри на квадратен метар што ќе ја подобри неповолната хидролошка состојба. За споредба, на крајот на ноември нивото на езерото беше дури на 693,09 м.н.в. или сантиметар под дозволениот минимум. Состојбата толку беше загрижувачка што на градскиот кеј можеа да се забележат мали островчиња. На одредени делови на брегот, заради нискиот водостој на езерото, бродарите се жалеа дека не може да се маневрира со пловни објекти, особено на влезот кај каналот Студенчишта и на пристаништето кај Свети Наум.

„Чувајте го езерово з’ш немат поклони“

Сушата изминатиов период драматично ги празни Охридското и Преспанското езеро, поради што македонската Влада најави план за нивна ревитализација, како и  финансиска помош за спас на езерата, кои неповратно се повлекуваат пред очите на мештаните. Екологистите стравуваат и за растителниот и животинскиот свет, особено за опстанокот на плашицата.

Но, не е само сушата најголем непријател на езерото. Македонскиот бисер со години наназад е жртва и на човековата негрижа и безмилосно узурпирање на природата – и од несовесните загадувачи, но и од урбаниот хаос, кој често задира до водите на езерото. Бетонски градби, платформи, со години наназад навлегуваат длабоко во езерските води, а нивното дно е затрупано со смет, па дури и цели кујни и дневни соби беа пронаоѓани во длабочините од несовесни граѓани, кои се ослободуваат од отпадот, трупајќи го во езерото. А, тоа молчи и трпи.
Никола Паскали од нуркачкиот центар „Акватек“ ја започна новата година со нова акција на собирање отпад од Охридското Езеро. Овој пат тој наишол на разна пластика, шишиња, најлони и лименки. „Чувајте го езерово зш немат поклони хо, хо, хооо!“, порачаа нуркачите.  Претходно, преку слични акции во неколку наврати заедно со своите пријатели и колеги собраа фенер, правосмукалка, перална и градежен отпад.

Nordmazedonien OhridseeЕкологистите стравуваат и за растителниот и животинскиот свет, особено за опстанокот на плашицата

Црна листа

Охрид до крајов на месецов го очекува Извештајот за напредокот по однос на забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО. Градоначалникот Константин Георгиески неодамна изјави дека градот нема да се најде на листата на Светско наследство во опасност, но доколку се случи тоа „само би значело забрзан пристап кон имплементирање на препораките кои градот ги добива со години наназад“. „Охрид во јануари нема да биде ставен на црната листа, ние во Охрид ќе го добиеме извештајот од реактивната мисија. По тој извештај ќе се расправа на следната сесија на УНЕСКО која не знаеме кога ќе биде поради кризата со пандемијата. Доколку Охрид се најде на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО нема да биде национална трагедија, бидејќи нема да биде избришан, туку ќе треба забрзано да се работи на имплементирање на препораките на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство“, вели Георгиески.

Тој најави дека ќе продолжи најави акцијата за рушење на дивоградбите за која се обезбедени шест милиони денари од Владата. Во план е да се отстрануваат нелегалните градби долж крајбрежјето, пред се шанкови и цврсти градби на плажите.

Back to top button
Close