Доживотен затвор за Елвин Куртовиќ за убиството кај Мавровка
Судијката Моника Бахчовановска го осуди Елвин Куртовиќ на доживотен затвор за убиството кај Мавровка, пренесе 4news.
Убиството се случи на 20-ти август минатата година кај Мавровка во еден од најфрекфрентните периоди и места во Скопје. Обвинетиот Елвин Куртовиќ призна вина за убиството на бизнисменот Васил Ефтимов. Рече дека бил под дејство на дрога и не сакал тоа да го изврши. Инаку Куртовиќ кога го изврши убиството беше пуштен на викенд од затворот „Идризово“.
„Не сум добро ниту емотивно, ниту психички. Изразувам каење за кривичното дело. Не сакав да го убијам, се случи несреќа. Бев под дејство на дроги неколку дена, навистина. Претходно лежев за ситни дела во споредба сега со ова. Многу ми е жал, тоа е се што имам да кажам“, рече Куртовиќ минатата недела. Тогаш неговата адвокатка Софија Лаличиќ побара најблага можна санкција, бидејќи нејзиниот клиент бил дрога и не можел да расудува.
„Точно, мојот клиент уби човек. Но барам да им погледнеме на фактите во очи, а тоа е дека во нашата држава се случуваат многу кривични дела затоа што надлежните институции не си ја извршуваат задачата“, рече Лаличиќ пред една недела.
Ефтимов тоа утро заедно со сопругата се нашол на кобното место за да завршат некои приватни обврски. Но, бил убиен со пиштол „глок“ среде бел ден. Од официјалните информации што досега се соопштени, главен протагонист во грозоморниот чин е триесет и деветгодишниот Елвин Куртовиќ, кој, наместо во затворот „Идризово“, од април годинава, бил на улица.
На тесниот паркинг-простор кај „Мавровка“ ги пресретнал сопружниците, го убил Ефтимов со пиштолот, а на жената ѝ ја украл торбата со лаптоп и избегал со „ауди“ без регистарски таблички. На местото на убиството пристигнало и второ возило „ситроен“ со белгиски регистрации, а крадењето продолжило.
Дошол уште еден избеган осуденик од затворот „Скопје“ во Шутка и од багажникот на возилото на сопружниците украл гајба со рачен алат и избегал. Сето ова се случувало пред очите на жената, а како главен мотив се соопштува дека е „користољубие“. Поконкретно, сопружниците воделе бизнис и двајцата биле сопственици на две фирми.
Наводно крадците барале злато, но ниту нашле, ниту, пак, сопружниците во моментот на убиството носеле со нив злато. По убиството, вториот осомничен за помагање во грабежот, Адем Куртовиќ „ситроенот“ го ставил во Гази Баба и се качил во „аудито“ на осомничениот за убиство. Но, во Чаир полицијата ги пресретнала. Додека едниот возел, Елвин Куртовиќ излегол од совозачката врата и пукал кон полицајците, кои сакале да го запрат.
Четворицата полицајци испукале неколку предупредувачки куршуми во воздух и успеале да го приведат осомничениот за убиството. Вториот успеал да им избега, но набргу сам се пријавил во полициската станица „Пролет“.
..