Драги Ѓорѓиев: Марјан Ѓорчев покажа големо непознавање за работата на историската комисија
Изнесени се невистини и покажано е големо непознавање за работата на Комисиите и нивната улога во надминување на спорови како што е македонско-бугарскиот спор. Вака академик Драги Ѓоргиев, копретседател на Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија по историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија ги оценува изнесените ставови на поранешниот амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, во интервју за ТВ Сител.
Ѓоргиев, во реакцијата што ја пренесува Сител, вели дека поранешниот амбасадор изнесол невистина кога зборувал дека изборот на членови на Комисијата бил извршен преку „политичка ферментација, преку потребите на политиката“ и „преку предлог на политичарите“.
Ѓоргиев додава дека откако бил избран составот, тој бил потврден од страна на Министерството за надворешни работи и Владата без никаква интервенција или сугерирање. Тој потсетува дека во изборот на првиот состав на Комисијата биле вклучени и професорите Александар Литовски и Ванчо Ѓорѓиев за кои Марјан Ѓорчев има позитивно мислење.
„Дали тоа значи дека и тие луѓе во 2018 година биле политички подобни на владата на СДСМ штом биле избрани на начин како што тврди Ѓорчев“,прашува Ѓоргиев во реакцијата.
Копретседателот на Мешовитата комисија вели дека Ѓорчев во гостувањето изнел невистини и во однос на работата на споменатите членови, Литовски и Ѓорѓиев.
Драги Ѓоргиев вели дека причината за смена на Литовски, колку што е познато, е неодговорно однесување поврзано со склучениот договор со МНР позади што стојат финансиски причини.
„Литовски не е сменет поради тоа што Комисијата почнала да разговара за периодот на Народноослободителната борба (1941-1945 година). Комисијата никогаш не разговарала на оваа тема. Причината за неговата смена, колку што ни е познато, е неодговорното однесување на Александар Литовски поврзано со склучениот договор со МНР позади што стојат финансиски причини
Што се однесува до оставката на Ванчо Ѓоргиев, кој ја напушти Комисијата во периодот помеѓу двата круга на локалните избори во октомври 2021 година, Драги Ѓоргиев вели дека тој тогаш не навел дека му бил вршено притисок од МНР, туку неаргументирано обвинил двајца свои колеги од Комисијата.
„Истовремено, потсетуваме дека ниту еден друг член на Комисијата не бил под никаков притисок да носи одлука или да постапува по насока на сега веќе поранешната власт“,додава тој.
Во однос на идејата на Марјан Ѓорчев, членовите да имаат поддршка од фелата, Драги Ѓоргиев вели дека тоа покажува колку поранешниот амбасадор не ги познава работите.
„Не може да се очекува целосна поддршка, затоа што секогаш ќе има луѓе кои ќе имаат различни ставови. Доколку сите исто мислиме, тогаш ние сме на добар пат на авторитарност, а начинот кој амбасадорот го предлага, всушност, побарува сите членови на академската заедница да имаат исто мислење“,се додава во реакцијата од копретседател на Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија по историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу С Македонија и Бугарија беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство потпишан на 1 август 2017 година.
Македонскиот тим го предводи академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.