Дрвени адвокати во дијаспората

Кога пред триесетина години првпат го посетив Македонското друштво „Гоце Делчев“ во Гетеборг, доживеав извесен позитивен шок во сознанието за големиот ентузијазам и динамични културни активности меѓу припадниците на македонската заедница во Шведска. Се изненадив дека ставовите и искривените сфаќања што се вообичаени во Македонија, како закоравени предрасуди околу животот на „печалбарите“, а кои и јас тогаш ги поносев во мојот иселенички багаж, всушност не соодвествуваа на реалниот живот на македонската колонија на северноевропските простори.

Позитивниот шок беше засилен бидејќи првата личност што ја здогледав во просториите на македонското друштво беше Илија Џувалековски. Тогаш во продукција на Шведската телевизија се снимаа сцени од играната серија „Македонија“ (1990), во која бардот на македонското глумишта ја играше главната улога. Во истите простории неколку фолклорни групи буквално се туркаа борејќи се за место додека вежбаа познати ора. Се одржуваше и настава по мајчин јазик, многумина го прелистуваа „Македонски весник“ што се печатеше во тоа време, се одржуваше и шаховски турнир, а од некој агол се појави и фудбалска екипа што се подготвуваше за тренинг. Позитивниот впечаток беше надоплнот и со тоа што бев во простории на македонско друштво, а никој не ме праша за моите политички погледи и сфаќања, ниту пак што мислам за една или друга политичка партија во Македонија. Така беше во тоа време, иако, за волја на вистината, имаше и такви кои се обидуваа во редовите на дијаспората да внесат тензии и политизирање на атмосферата.

Но интензитетот на определбата за афирмација на културата сепак беа посилни и нудеа сврзно ткиво околу кое мнозинството можеше да се обедини и да го прифати како заедничка неспорна алтернатива. Следуваа и други позитивни изненадувања за еден новинар што се преселил од Македонија, па така, далечината што остана зад мене во татковината, полесно се премостуваше со доаѓањето на истакнати македонски писатели кои учествуваа на традиционаланата манифестација Денови на македонската поезија во Шведска, се одржа и отворање на меѓународната манифестација „Гоцеви денови“ (на иницијатива на тогашниот министер за култура Слободан Унковски), а се организираше и масовно посетениот Фестивал на македонски народни игри и ора, како и турнеи во голем број европски земји, во Австралија и Канада.

Таква беше „личната карта“ со која беше препознатлива дејноста на една македонска заедница во светот. Матицата на иселениците имаше значајна, и пред сè конструктивна улога во напорите што се правеа за поддршка и унапредување на културниот живот „меѓу нашите во странство“, се додека не беше деградирана и потисната на маргините во вителот на општата политизација на општетството и деструктивните поделби што ја следат бескруполозната борба на македнските политички партии за гола власт.

Денес од обемот на погоре опишаната дејноста во редовите на македонската заедница во Шведска е останато можеби само уште десетина проценти. И тоа уште пред пандемијата, која само го засили процесот на пасивизација и „поместување“ во сферата на политиканството, за сите можни прашања со кло се соочува и измачува Македонија. Напоредно на тој процес на општа ступидизација на дебатата во дијаспората, главно на социјалните мрежи, веќе подолго време нема ни некаков абер што би дошол од Македонија, на пример од страна на Агенцијата за иселеништво. Интересирањето во Македонија за организираниот живот во дијаспората полека се сведува на нула.

Дефетизмот и неверување во успех со сопствени сили, проследно со високо ниво на отсуство на смисла на организирано дејствување, почна да се шири далеку пред корона вирусот, или, на пример, пред ширењето на катастрофалните пожари што ги уништуваат не само имотите и шумите, туку, преку една невидена неорганизираност и неодговорност на политичките партии за злоупотреба на медиумскиот простор и поттикнување на омраза и нетрпеливост, уште повеќе го зацврстуваат веќе ниското ниво на морално расудување на луѓето. И во Македонија, и во дијаспората.

Македонските политички партии, пред сè во режимските години на ВМРО-ДПМНЕ, ù пријдоа на дијаспората грубо и недоделкано, третирајќи ја како некаква аморфна, инфериорна маса, и обидувајќи се да наметнат некакви свои примитивно поставени задгранични комитети. Нивната улога најмногу дојде до израз во обезбедувањето гласачи за парламентарните избори во странство, преку неовластено легитимирање и идентигфикување на македонските избирачи во дијаспората, и тоа со целосно одобрување на таквите предизборни активности од страна на владејачката македонска партија. Ништо од полза не доби тука дијаспората, освен пренесување на партиските кавги и поделби од Македонија на свој терен. Добитокот го инкасираше само ВМРО-ДПМНЕ, преку бонусот од тројца пратеници од дијаспората, како засилување на сопствената гласачка машинерија во Собранието. Подоцна и СДСМ правеше напори да формира свои партиски разграноци меѓу иселениците, но впечаток е дека тие не успееја да предизвикаат некакви позабележливи бранувања.

Дилемата што денес се поставува е мошне јасна. Со кого да контактира дијаспората? Во јули во Скопје се одржа средба со дијаспората на иницијатива на МНР и министерот Османи, која буквално беше дочекана на нож на социјалните мрежи. Еден цел куп дрвени адвокати продефилираа на Фејсбук, толкувајќи ги состојбите во дијаспората и советувајќи ги фрустрираните поединци да му свртат грб, меѓу другите, на Македонскиот сојуз во Шведска, чиј претседател се „дрзнал“ да присуствува на средбата со „северџанскиот“ министер за надворешни работи. Се јавија дури и од Австралија, „нашинци“ новинари, кои сигурно би требало да се помачат за да најдат каде се наоѓа Шведска на географската крта, и повикаа на бојкот, тврдејќи дека од „тие во Македонскиот сојуз во Шведска и не може друго да се очекува“, бидејќи се „предавници“ што „соработуваат со Заев“ (!?). Некому, или, всушност, на многумина, господ навистина треба да им прискокне напомош. Па, ако треба, и сосе Заев.

А со кого да контактира дијаспората, ако не со претставници на македонскиот државен врв и со официјалните институции и агенции? И дали, за да ја „исперат“ својата предавничка улога, оние во дијаспората, осомничени дека „скршнале “ од патот на борбата за заштита на македонскиот идентитет и историја, треба да ги прекинат своите контакти со татковината? На бројните дрвени адвокати во дијаспората може само да им се порача дека одговорот на вака поставеното прашање бара, ако ништо повечќ, малку повисоко ниво на информираност, и, се разбира, малку повеќе интелигенција.

Ивица Челиковиќ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close