ДС: Со Бугарија немаме заедничка историја и корени

Негирањето на Македонскиот национален идентитет од страна на Владата на Бугарија е класичен непријателски чин, а ветото на евроинтеграцискиот процес на Македонија е антицивилизациско, антиевропско однесување, со тешки последици по безбедноста, стабилноста и мирот на Балканот и пошироко, реагира Демократски сојуз.

– Треба многу јасно да им соопштиме на Владата на Бугарија, дека немаме заедничка историја, дека Македонскиот народ има посебна автентична историја и „корења” и дека не прифаќаме уцени и условувања како суверена и независна, проевропска и модерна држава. Ги повикуваме лидерите на земјите членки на Европската Унија, да направат сѐ што е во нивна моќ, Македонија да може да чекори напред. Сигурни сме дека само на тој начин ЕУ ќе влијае на стабилноста, јакнење на демократските капацитети и економскиот развој на Балканските држави. Правдата, меѓусебното разбирање, почитување на различностите и разрешување на отворените прашања преку дијалог, се вредности за кои се залагаме и за кои сме цврсто определени – велат од ДС.

Од партијата потенцираат дека се за добри односи со сите соседи, вклучително и со Република Бугарија, без било какви резерви и условувања и наместо негирања и блокади, се за слободно движење на луѓето, капиталот и идеите.

Back to top button
Close