ДУИ бара Мицкоски да ги прекине заканите: Не можете да исплашите никого
Премиерот на нелегитимната влада денес повторно јавно се закани на политичката активност на политичките партии, злоупотребувајќи ги државните институции за да ги задуши политичките и етничките гласови на незадоволство, со цел ширење на страв преку инструментите на државата, реагираа од ДУИ.
„Овие техники на политички закани и прогон , користени во најмрачните периоди на комунизмот, нема да успеат. Албанците низ вековите израснаа под вакви закани од полицијата и државниот апарат, чија цел беше потиснување на политичкиот активизам. Но, историјата докажала дека овие напори никогаш не успеале да ја спречат нашата волја за правда и еднаквост.
-Сите аргументи укажуваат дека нашите загрижености за јазикот се реални и базирани на факти. Затоа и постои широка мобилизација, надвор од партиските линии, за да се спречат обидите кои ја загрозуваат иднината на државата. Упатуваме апел до Премиерот да ги прекине заканите и неговата разединувачка и провокативна реторика. Не можете да исплашите никого, а најмалку народ кој отсекогаш бил подготвен да се жртвува за правда и еднаквост“, соопштија од ДУИ.
Претходно, Мицкоски рече дека во среда нема ништо да се случи, одговарајќи на прашање за седницата на Уставниот суд за Законот за јазиците. Тој рече дека ДУИ намерно прави поделби и етнички тензии.
-Единствената тема со која ДУИ се присутни во јавност е да направат поделба по етничка основа, ги третираат само етничките прашања, не можат да наметнат тема ниту да привлечат луѓе кои ќе ги поддржат. Се обидоа со таа нивна зелена агенда, но не успеаја… Во среда нема ништо да се случи, има процедури, подготвителни седници и така натаму, но тие повторно ги злоупотребуваат Албанците, Македонците и ги малтретираат со обид на поделба и со обидот да привлечат внимание.
Затоа ги молам сите граѓани, да бидат спокојни. Ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања дека постои огромен криминал, кој набрзо ќе почне да се обелоденува. Без разлика колку се жилави и колку се борат, ќе ги поразиме, и едните и другите, и слугите и овие другите – порача тој.