ДУПЛИ ТРОШОК

Ова што се случува со промената на личните карти, возачки дозволи и пасоши не покажува само епска неспособност и хаос во државните институции, туку уште повеќе ја покажува епската негрижа на државата и државните функционери кон сопствените граѓани. Дури, ми се чини и дека е уште побезнадежно. Да е само до тоа дека не им е гајле за граѓаните. А бе, не им е гајле за ништо.

Оти, ако ти било гајле како власт и како државен функционер, ќе си гледал да најдеш некое чаре. Оти, проблемот не се решава сам од себе. Напротив, се комплицира.

Ај што како власт од 2019 знаеш дека рокот за промена на личните документи е до февруари 2024, ај што граѓаните платиле за старите документи чиј рок не е истечен, ај што прават дупли трошок и пак мораат да плаќаат за новите документи, ај што се тепаат прво да се сликаат, па после уште се тепаат, дури и ќе загинат чекајќи со саати да си ги земат новите документи, туку функционерите уште и досетки си кажуваат. Претседателот Стево Пендаровски вели Владата да размисли како да го продолжи рокот на документите без „Северна“, а премиерот Димитар Ковачевски му одговара тој да каже, оти тој учествувал во правењето на Преспанскиот договор и тој да ѝ се јави на грчката претседателка да ја убеди Грција да не ни се лути, ако и ова лето тргнеме во поход на Халкидики со старото име на пасошите.

Какви луцидни досетки на највисоки државни функционери чија задача била да не дозволат овој проблем да се создаде, пред сѐ. И што ќе ѝ каже Пендаровски на Гркинката? Знаете, нашата администрација е малубројна, а мораа да одат и на зимски одмор и ете, не стигнавме да ги смениме пасошите.  А ние допрва ќе се надмудруваме кој е крив  што не сме кадарни да се организираме.

Батали Грција, туку луѓето се извадени од памет дека ако не ги сменат личните карти до 12 февруари, нема да можат да подигаат пари од банка. А министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека со личните карти без „Северна“ ќе може да се гласа на парламентарните и претседателските избори во април и мај.

Е па, уште тоа да ни го направат. Да не можеме да си ги земеме парите. Ама да можеме да ги гласаме. А тие да се надеваат на победа.

Целата колумна на Гиран Михајловски на сдк мк

Back to top button
Close