Двајца скопјани осомничени дека купувале дрога преку „даркнет“, ја плаќале со крипто-валути, а ја добивале по пошта

Операцијата, како што соопшти денеска Министерството за внатрешни работи, била спроведувана од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал (ОСОСК), Секторот за криминалистички истраги, Единицата за недозволена трговија (ЕНТД) и Царинската управа во соработка со германската сојузна царинска служба – ЦКА и германската БКА, а со поддршка на ,,ИПА 2019 – сузбивање сериозен криминал на Западен Балкан“

Македонската полиција во координирана операција со своите колеги од Германија открила случај на трговија со синтетичка дрога – амфетамин, која осомничени лица од земјава ја набавувале преку интернет, од таканаречениот „даркнет“. Тие дрогата ја плаќале со крипто-валути, а ја добивале сокриена во поштенски пратки.

Во акција, која била реализирана вчера, полицијата привела две лица од Скопје и извршила претреси во нивните домови.

Операцијата, како што соопшти денеска Министерството за внатрешни работи, била спроведувана од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК), Секторот за криминалистички истраги, Единицата за недозволена трговија (ЕНТД) и Царинската управа во соработка со германската сојузна царинска служба ЦКА и германската БКА, а со поддршка на ,,ИПА 2019 – сузбивање сериозен криминал на Западен Балкан“.

„Преку директна комуникација и соработка на ОСОСК – ЕНТД со ЦКА и БКА од СР Германија и помеѓу ОЈО Скопје и Јавното обвинителство од Франкфурт – СР Германија е добиено сознание за поштенски пратки со наркотични дроги кои пристигаат во нашата држава, а за кои постојат основи на сомнение дека континуирано биле нарачувани и плаќани преку ,’даркнет’ со крипто-валути. Притоа, ОСОСК со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, во заедничка синхронизирана и координирана операција со германските партнери, Царинската управа и Граничната полиција, на 15.09.2022 година приведе две лица од Скопје, кои во изминатиот период нарачувале амфетамин и други видови синтетички дроги кои пристигнувале сокриени во разни видови на поштенски пратки“стои во соопштението на МВР.

При претресите на домовите на двете лица извршени со судска наредба, покрај една поштенска пратка со амфетамин, полициските тимови пронашле и одредени количини марихуана, гасен пиштол и компјутерска опрема, за која постои сомнение дека се користела за нарачки на дрога.

Во координација со Основното јавно обвинителство, од МВР информираат дека денеска против осомничените ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело недозволена трговија со наркотична дрога, психоактивни супстанци и прекурсори предвидено во член 215 од Кривичниот закон.

„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Единица за недозволена трговија со дрога продолжува со борбата против организираните облици на недозволена трговија со дрога во соработка со сите странски фактори и Јавните обвинителства“велат од МВР.

Back to top button
Close