Два случаја на вирусот Марбург во Гана, 90 лица во карантин

Во Гана се откриени два случаја на вирусот Марбург, хеморагична треска смртоносна колку и еболата. Овие случаи се првите во земјата, соопштија здравствените власти.

По сомнение за зараза со вирусот Марбург, на 8 јули се земени примероци крв од две лица во регионот Ашанти.

„Ова е првпат Гана да потврди присустно на Марбург вирусот“, се наведува во соопштението на Патрик Кума Абоажје, директор на здравствената служба на Гана.

Сега во карантин се 90 лица, идентификувани како контакти на заразените. Засега, нема заразен меѓу некој од нив.

Здравствените власти тврдат дека прават сè за да го „заштитат здравјето на населението“. Тие ги повикаа „сите“ на соработка, со цел вирусот „успешно да се спречи“.

Вирусот го пренесуваат лилјаци, а меѓу луѓето се шири со директен контакт со телесни течности на заразени или со површини и материјали, појасни Светската здравствена организација.

Back to top button
Close