Две деца се меѓу загинатите од експлозии на пејџери во Либан
Две деца на 8 и 11 години се меѓу 12-те загинати од експлозии на пејџери што вчера се случија во Либан, пишува Би-би-си пренесувајќи ја изјавата на либанскиот министер за здравство Фирас Абијад.
Абијад вели дека меѓу загинатите се и здравствени работници.
Од експлозиите, според информациите од либанското министерство за здравство, повредени се меѓу 2 750 и 2 800 луѓе. Од нив, околу 1 750 луѓе се повредени во областа Бејрут.
„Околу 300 лица се во критична состојба. Многумина имаат повреди на очите и лицето. Досега се направени околу 460 операции, а повеќето од нив биле на очите, лицето или екстремитетите, особено на рацете. Имаше ампутации, вклучително и ампутации на прсти и раце“додаваат од министерството.
Главна цел со експлозиите биле борци на Хезболах, кои од почетокот на оваа година користат пејџери како средство за комуникација. Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот, но Хезболах и либанската влада го обвинија Израел.
Експлозии на пејџери се регистрирани и во Сирија, каде што се повредени 14 луѓе.
Нападот доаѓа во време кога Вашингтон се обидува да ги деескалира тензиите меѓу Израел и Хезболах поради стравувањата дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би можел да нареди копнена инвазија на Либан.
Дополнително, нападот се случил само неколку часа откако Израел објави дека ги проширува своите цели во војната предизвикана од нападите на Хамас на 7 октомври лани, кои би вклучиле и борби против Хезболах по должина на границата со Либан.
Од Хезболах потврдија дека меѓу загинатите има најмалку двајца борци на милитантната група и една млада девојка. Нешто подоцна локалните медиуми објавија дека во експлозиите загинал и синот на пратеникот на Хезболах, Али Амар.
Пејџерите експлодираа во јужен Либан, поточно во јужните предградија на Бејрут, познати како Дахије и источната долина Бека, сите упоришта на Хезболах.
Според анализа што ја објави Ројтерс, а ја пренесе „Гардијан“, на задната страна на пејџерите имало налепници кои се идентични со оние на телекомуникациските уреди направени од тајванската компанија „Голд Аполо“ (Gold Apollo). Сепак, основачот на оваа компанија, како што пишува британскиот весник, денеска негирал дека уредите се направени од неговата фирма тврдејќи дека тие биле произведени од компанија во Европа која имала право да го користи нивниот бренд.