Две години по грчката железничка несреќа: крик за правда

Во петок (28.02.2025) ќе има штрајкови и демонстрации во Грција. Бродовите ќе останат во пристаништата, авионите на аеродромите, возовите на железничките станици. Во бројни градови низ државата продавниците ќе бидат затворени неколку часа. Речиси во секој град и село во Грција луѓето ќе излезат на улица.Дури и Грците кои живеат во странство ќе се приклучат на протестите. Тие организираат комеморативни собири во многу градови во Европа и Америка, во Сиднеј и Занзибар, во Буенос Аирес и Акурејри во Исланд. Барањето е исто: правда за жртвите од најтешката железничка несреќа во грчката историја.

Тоа можеа да бидат нашите деца

Брзиот воз „Интерсити 62“ кој сообраќаше од Атина до Солун на 28 февруари 2023 година, нешто пред полноќ, директно се судри со товарен воз. Тоа се случи во близина на грчкиот град Лариса. Загинаа 57 лица, повеќето студенти кои често патувале со тој воз. Имаше и голем број повредени. Несреќата ги шокираше Грците. Нивните деца, внуци, пријатели можеа да бидат во возот. Завладеа длабока тага. Почнаа да се поставуваат прашања за тоа како тоа можело да се случи и што би можело да се направи за да не се повтори никогаш повеќе.

И семејствата на жртвите и грчката јавност чекаат одговори веќе две години. Зошто експлозијата била толку силна, дали товарниот воз превезувал нелегален товар? Кој е виновен?

Јавноста бара расчистување на причините за несреќата и бара правда. Според анкетите, меѓу 70 и 80 отсто од Грците се убедени дека владата се обидува сето тоа да го прикрие. Државна негрижа, поради која не се санира расипаната сигнализација од 2019 година, одложување на инвестициите во техничко-безбедносни решенија и покрај издвојувањето на средства од ЕУ, ангажирање на неквалификуван шеесетгодишник за шеф на железничката станица во Лариса само затоа што е на владејачката партија и слично.

Власта најостро го отфрла обвинувањето дека нешто крие. Но, луѓето не ѝ веруваат, бидејќи несреќата најверојатно никогаш нема да биде целосно разрешена. Надлежните институции не се погрижија веднаш да се соберат сите снимки од камерите и да се направат потребните обдукции по судирот.

Надлежниот министер Ахилеос Караманлис, член на позната конзервативна политичка династија, поднесе оставка, но само два месеца подоцна тој повторно се кандидираше за пратеник. На парламентарните избори во 2023 година победи неговата конзервативна партија Нова демократија, а како пратеник беше пречекан со овации од неговите колеги од пратеничката група. Владата стави крај на трагедијата.

„Не сме заборавиле“

Поради сето ова, луѓето ќе излезат на улица на втората годишнина од железничката несреќа. Пред еден месец, на 26 јануари, стотици илјади луѓе излегоа на улиците во Атина, Солун и во 100 други градови, барајќи правда за 57-те жртви. Семејствата на жртвите преку социјалните мрежи повикаа на протести, а спонтаната реакција на граѓаните беше импресивна. Ова беа најголемите демонстрации во последните десет години. Учествуваа и стари и млади, и левичари и десничари, и оние кои секогаш излегуваат на протести и оние кои ретко го прават тоа. Луѓето главно одеа во тишина, понекогаш со пароли како: „Не сме заборавиле!“ „Правда, а не прикривање!“

Силата на демонстрациите го принуди премиерот Кирјакос Мицотакис во интервју на 30 јануари да ја промени својата претходна позиција дека „вината е кај човечки фактор“. Му стана јасно дека голем дел од јавноста, вклучително и добар дел од симпатизерите на неговата партија, сакаат виновниците да бидат казнети. Во невообичаено скромен настап, тој призна дека потрагата по вистината и правдата напредува „бавно“ и вети дека тоа ќе се подобри. Тој ја опиша железничката несреќа како „отворена рана, колективна траума и колективна тага“. Тој додаде дека како премиер и оддава длабока почит на Марија Каристијану, претседателката на здружението на жртвите од железничка несреќа, која во несреќата ја загуби ќерката Марта.

Каристијану две години и дома и во странство се бори за да ги расветли причините за несреќата и често е цел на напади на провладини новинари, ботови, па дури и некои министри.

 

Страв од гневот на јавноста

Фазата на разбирање од страна на премиерот не траеше долго. И покрај лошите резултати од анкетите, според кои Нова демократија има само 22 отсто поддршка – а победи со 41 отсто од гласовите – тој одлучи да заземе поостар став. Во интервју за весникот „Катимерини“, тој ги нападна сите оние кои немаат доверба во судството: „Некои би сакале да нѐ одведат во џунгла“, рече Мицотакис, обвинувајќи ги опозициските партии за „инструментализирање“ на трагедијата.

Но, опозицијата не организираше демонстрации. Луѓето се одзваа на повикот на семејствата на жртвите, излегоа на улиците да бараат правда и да протестираат против неприфатливиот однос на грчката влада кон трагедијата.

Токму од тоа се плаши власта. Нејзината стратегија се состои од постојано тврдење дека владата се залага за стабилност, додека гневните демонстранти и опозицијата водат до хаос. Голем број министри, особено министерот за здравство, секојдневно се појавуваат на телевизија со тврдење дека секоја критика е бесмислена, популизам и глупост, советувајќи ги луѓето да не излегуваат на протести. А, на социјалните мрежи власта ја фабрикуваше пораката: „Не одам на демонстрации, имам доверба во судството“.(dw)

Back to top button
Close