Ќе има обид да се укине преодната техничка Влада, СДСМ алармира за „шверцерски“ закон

Собранието ќе ја одржи 98. седница, на чиј дневен ред е и предлогот за изменување на Законот за Владата, со кој се предвидува создавање услови за укинување на моделот на техничка влада.

Предлагачот – Владата – во образложението наведува дека измените имаат за цел обезбедување стабилност, правна сигурност и заштита на јавниот интерес, преку заокружување на започнатите реформи. Дополнително, се посочува дека со новото законско решение ќе се воспостави „јасна и применлива правна рамка“ која ќе гарантира фер и транспарентни избори, без потреба од привремени политички решенија.

Опозицискиот СДСМ, пак, обвинува дека власта се подготвува за предвремени избори преку, како што велат, „шверцерски измени“ со кои сака да ја укине техничката влада – механизмот што, според нив, обезбедува контрола во изборен период. Од партијата предупредуваат дека ваквиот чекор претставува директен удар врз демократијата и слободните избори и најавуваат дека ќе се спротивстават.

Покрај оваа точка, пратениците ќе одлучуваат и за испраќање припадници на Армијата во мисијата на Европската унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и за стратешките и финансиските планови на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2026 година.

На дневен ред се и повеќе законски измени во второ читање и по скратена постапка, меѓу кои за здравственото осигурување, минералните суровини, концесиите и јавно-приватното партнерство, јавните претпријатија, данокот на додадена вредност и придонесите од задолжително социјално осигурување.

Седницата доаѓа во услови на засилена политичка конфронтација околу изборните правила и функционирањето на институциите, со спротивставени ставови дали укинувањето на техничката влада значи реформа или ризик за изборниот процес.

Back to top button
Close