Еди Рама најдобар градоначалник на Тирана во изминатите 20 години  

Граѓаните на Тирана сметаат дека најдобар градоначалник во изминатите 20 години е Еди Рама, актуелниот премиер на Албанија.

Ова го покажува анкетата спроведена од телевизијата „Euronews Albania“ на која на прашањето кој е омилениот градоначалник во изминатите 20 години, жителите на главниот град 30,8 отсто одговориле Еди Рама, 25,3 отсто Ерион Велиај и 4,60 отсто Љуљзим Баша, додека 39,3 отсто не дале одговор.

Граѓаните на албанската метропола имале пофални зборови за Рама дека ја „претворил Тирана во достојна европска престолнина“.

Рама (58) прв човек на Тирана беше во три последователни мандати 2000-2011, првиот мандат беше тригодишен, по што беа направени измени во изборниот законик и градоначалниците од 2003 година се со четиригодишен мандат. Рама е добитник на наградата за светски градоначалник во 2004 година, а според Тајмс, тој бил еден од најзначајните европски политичари во 2005 година.

На функцијата градоначалник го наследи Љуљзим Баша (48), доскорешен лидер на опозициските демократи. Баша беше градоначалник на Тирана во периодот 2011-2015 година.

Ерион Велиај(43) за градоначалник на Тирана беше избран во 2015 и реизбран во 2019 година.

 

 

Back to top button
Close