Експлозии во складиште за муниција во Бугарија

Две експлозии се случија рано утринава по пожар во складиште за муниција во Карнобат. Во експлозиите нема повредени. Областа е опколена, јави БНТ. Како што јави дописникот на МИА од Софија, магацинот е на фирмата на бугарскиот производител и трговец со оружје Емилијан Гебрев.

Зградата е обезбедена со цврста ограда и е поставена доволно далеку од другите три магацини. Локалните медиуми потсетуваат дека ова не е прв инцидент во магацини за оружје во сопственост на компанијата на Емилијан Гебрев. Минатата година бугарското обвинителство објави дека шест руски државјани се осомничени за експлозии во фабрики и магацини во Бугарија, поради сомневање за поврзаност со обидот за труење на Емилијан Гебрев.

Во 2014 година експлозии се случија и во магацините на бугарскиот трговец со оружје во Врбетице, Чешка. Во напис на „Њујорк Тајмс” од април 2021 година се тврди дека бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев признал дека меѓу неговата муниција што беше активирана во Чешка во 2014 година, имало и топови наменети за Украина.

Во истрагата од минатата година на познатата мрежа Bellingcat, истражувачкиот бугарски новинар Христо Грозев објави дека Емилијан Гебрев станал цел на напад на руското воено разузнавање. Документите што ги собра Христо Грозев покажуваат дека истиот тим што ги разнесе магацините во Чешка се обидел да го отруе и бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев. Според Грозев, постојат докази дека е можно некои од учесниците во инцидентите во воените постројки во Чешка да се поврзани со Бугарија. Грозев изрази уверување дека зад експлозиите во Бугарија и Чешка во 2014 и 2015 година стои специјалната единица на руското воено разузнавање, позната по својот број 29155. нк

Back to top button
Close