Екстрадиција за Груевски ќе се бара кога ќе се создадат услови, вели Филков

Ново барање за екстрадиција на осудениот експремиер Никола Груевски, Министерството за правда ќе бара штом ќе се создадат услови, вели ресорниот министер Игор Филков. Според него, со голема внимателност се следат сите случаи за кои е распишана потерница и ќе постапуваат, како што вели, без исклучок.

„Последното барање за екстрадиција е од 2019 година за сите постапки за кои е распишана потерница. Барањето за екстрадиција за Никола Груевски е одбиено од Унгарија со образложение дека на Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да се екстрадира во држава од која е дојден. И во овој случај, како и во сите други случаи за екстрадиција, се следат внимателно и кога ќе се создадат услови ќе побараме екстрадиција, но не тенденциозно кон одредено лице, туку за сите што се надвор од државата и е распишана меѓународна потерница,“рече

Филков соопшти дека тој потпишал барање за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудените на доживотен затвор во случајот „Монструм“, за кривичното дело тероризам. Првото барање, како што рече тој, било испратено во 2013 година, а потоа во 2018 година, но и двете се одбиени од косовските власти.

 

На 8 октомври 2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор. Во постапките сè што беше побарано од косовските власти беше доставено. Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, во февруари 2016 година и октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016. После шест години, повторно бараме нивна екстрадиција“,кажа Филков.

Од Министерството за правда неколкупати најавуваа дека се подготвуваат нови барања за екстрадиција на осудените во „Монструм“ и за Груевски.

Последната најава беше минатата година кога тогашниот министер Кренар Лога посочи дека освен за делото за кое требаше да одлежи затворска казна со правосилна пресуда, за Груевски ќе се бара екстрадиција за уште девет други кривични дела.

„Во моментов подготвуваме писмо со барање за негова екстрадиција за девет други кривични дела, за кои тој е обвинет и има меѓународна потерница. Во горенаведеното писмо, дадов сугестија да се напише дека Северна Македонија ги исполнува условите за категоријата личност како Груевски, бидејќи истиот тој Груевски градел ќелии во притвор и во затвори, таканаречени хашки ќелии, кои ги исполнуваат сите стандарди и верувам дека со овие докази ги исполнуваме стандардите за неговото третирање како специјален затвореник и сметам дека треба да биде екстрадиран од Унгарија“,кажа Лога на 10.03.2023г.

Back to top button
Close