360 :Електрани со нов Надзорен одбор – партиски активисти и колешка на премиерот од Машински меѓу членовите
Акционерското друштво (АД) во државна сопственост за производство на електрична енергија, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), преку известување до Македонската берза информира дека е избрана нов Надзорен одбор на компанијата.
„За членови на Надзорниот одбор на Акционерското друштво за производство на електрична енергија, Електрани на Северна Македонија, во државна соспственост, Скопје избрани се: Александар Мурговски за независен член; Маја Аначкова за независен член, Иван Куковски, Леко Ристовски, Ерхан Рамадан, Јетмир Идризи и Стевче Антовски“,
се наведува во известување доставено до Македонската берза, а примено и архивирано со вчерашен датум (14.8.2024 г.).
Истовремено, од должноста членови на Надзорниот одбор е отповикан претходниот состав на ова тело.
Промена веќе е извршена и на веб-страницта на државната компанија за производство на електрична енергија, но имињата на новите членови не се придружени со активни линкови од кои би можела да се види нивната биографија.
Сепак, според јавно достапните и информациите што ги пренесоа дел од медиумите, може да се види дека значаен дел од новите членови на Надзорниот одбор на АД ЕСМ се блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Христијан Мицкоски – било по партиска, било по професионална линија.
Така, Маја Аначкова, која е избрана за независен член на Надзорниот одбор на ЕСМ, е колешка на Мицкоски од Машинскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Според биографијата објавена на веб-страницата на Факулетот, Аначкова е со звање доцент и работи на Институтот за механика. Диппломирала на насоката мехатроника, која е една од областите на научен интерес на Мицкоски.
Интересно е што Аначкова била стипендист на фондацијата „Кочо Анѓушев“, кој исто така е професор на Машинскиот факултет, а во владата на Зоран Заев беше вицеопремиер за економски прашања.
Дополнително, Аначкова е и сертифициран фитнес-тренер, со искуство во персонални и онлајн-тренинзи, како и изработка на програми за исхрана и тренинг.
Според веб-страницата на ЕСМ, претседател на новиот Надзорен одбор е Иван Куковски, кој е вработен во Електрани во чии раководни структури бил и за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски.
Името на Куковски може да се најде покрај она на Мицкоски од времето кога сегашниот премиер беше директор на тогашните ЕЛЕМ, сега ЕСМ. Куковски ја извршувал функцијата директор на РЕК „Битола“.
Независен член на новиот НО на ЕСМ е Александар Мурговски. На неговиот фесјбук-профил, кој изобилува со фотографии од настани и иконографија на ВМРО-ДПМНЕ, може да се прочита дека работи во АД МЕПСО, а образованието го стекнал на Техничкиот универзитет во Габрово, во соседна Бугарија.
Името на Стевче Антовски, пак, одвреме-навреме можеше да се прочита во партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ, во кои како член на партиската комисија за енергетика се критикуваат политиките на претходната власт на СДСМ и ДУИ во овој сектор.
За членот на Надзорен одбор Леко Ристовски, дел од медиумите пишуваат дека како и Мурговски, доаѓа од АД МЕПСО.
Она што е интересно е дека исто име и презиме (Леко Ристовски) фигуира меѓу обвинетите во случајот „Талир“, кој деновиве повторно се актуелизира во медиумите, откако порталот „Призма“ објави дека обвинителката Анита Тополова-Исајловска во јуни потпишала барање за вонреден правен лек (барање за заштита на законитоста), во кој наведува дека судот требало веднаш да го отфрли обвинението за „Талир“ бидејќи е поднесено од неовластен тужител, односно по истекот на рокот од 18 месеци што тимот на Катица Јанева го имаше за да поднесува обвиненија.
Постапката ја иницирал обвинет во случајот, но нема информации кој. Врховниот суд нема рок во кој треба да одлучи, но ако судиите го прифатат барањето, тоа значи дека ќе падне случајот за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Во случајот „Талир“ првообвинет е експремиерот и бивш лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но нему му се суди во отсуство бидејќи избега во Будимпешта. Покрај него, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески. Тројцата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари. На обвинителна клупа се и Илија Димовски и Леко Ристовски само за делото перење пари, а како правно лице осомничена е и партијата. Во случајот обвинета беше и Елизабета Чингаровска, но таа призна вина и доби условна казна.