Енчев: Клубот „Никола Вапцаров“ е финансиран од Агенцијата за разузнавање на РСМ – наскоро ќе биде затворен


Според Велизар Енчев, бугарски новинар и политичар, финансирањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, како и на здружението на Македонци во Бугарија ОМО „Илинден-Пирин“ го вршат македонските разузнавачки и контраразузнавачки служби

„Поради овие причини, бугарската страна наскоро ќе преземе соодветни дејствија како одговор на деструктивната активност на Агенцијата, вклучително и затворање на македонскиот клуб во Благоевград“, вели тој

Бугарскиот новинар, политичар и дипломат Велизар Енчев во изјава за „Локално“ вели дека финансирањето на новоотворениот македонски клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград се врши директно од Агенцијата за разузнавање (АР) на Република Северна Македонија, а оти таканаречените организации од Канада наведени како официјални спонзори на клубот се само фронтови за македонското внатрешно разузнавање.

Коментирајќи го здружението на Македонци во Бугарија ОМО „Илинден-Пирин“, Енчев вели дека е организација создадена по 1989 година од југословенските тајни служби, а дека по осамостојувањето на Република Македонија, финансирањето на ОМО „Илинден“ е преземено од македонските разузнавачки и контраразузнавачки служби.

„Агенцијата за разузнавање не дозволува вакви остри активни настани меѓу Бугарите во Грција, кои се сметаат за Македонци од Скопје, бидејќи грчката страна не трпи таква активност и реагира крајно остро на македонизмот на Скопје. Поради овие причини, бугарската страна наскоро ќе преземе соодветни дејствија како одговор на деструктивната активност на Агенцијата, вклучително и затворање на македонскиот клуб во Благоевград“, вели тој.

Велизар Енчев, бугарски новинар, политичар и дипломат

Покрај тоа, Енчев вели дека клубот е создаден од приватни лица кои припаѓаат на организација забранета како сепаратистичка, додавајќи дека Уставот на Република Бугарија „императивно го негира правото на постоење на политички партии на етничка, расна или верска основа“.

„Затоа, секоја манифестација на вакви организации ќе биде санкционирана од органите на прогонот“, додава тој.
Агенцијата за разузнавање, додава Енчев, ги насочува антибугарските активности на македонските здруженија во Канада, Австралија и САД, како и во Западна Европа. Тој потенцира дека македонското разузнавање стои и зад отворањето на Катедрата за македонистика во Западна и Источна Европа, со предавачи одобрени од агенцијата.

„Разузнавачката агенција преку својата агенциска мрежа во Албанија директно интервенира во активностите на бугарските организации во Голо Бардо, обидувајќи се да ги асимилира и македонизира. Овој факт е добро познат на бугарската страна“, вели Енчев.

Back to top button
Close