ЕП од денеска до четврток на пленарна седница, Урсула фон дер Лајен ќе го одржи своето годишно обраќање за состојбата на ЕУ
Европскиот парламент се состанува на пленарна седница во Стразбур од денеска до четврток каде главната тема на првата пленарна седница од новата политичка сезона ќе биде годишното обраќање за состојбата на Европската Унија од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кое ќе биде в среда.
Фон дер Лајен ќе ги презентира постигнатите резултати во изминатата година и законските иницијативи што се очекуваат за следната. Тоа ќе биде нејзино второ такво обраќање во овој мандат.
Во својот говор, се очекува фон дер Лајен да го истакне влијанието на работата на ЕК во изминатата година и нејзините планови за иднината. Ќе се фокусира на европската одбрана и безбедност, континуираната поддршка на ЕУ за Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, стратегијата на ЕУ за прилагодување кон променливиот светски поредок, конкурентноста, работните места и одржливиот просперитет, борбата против климатските промени, следниот долгорочен буџет на ЕУ по 2027 година, демократската одржливост, управувањето со миграцијата и заштитата на фундаменталните вредности на ЕУ, според информативниот билтен објавен на веб-страницата на Европскиот парламент.
Дебатата за состојбата на Унијата е клучен момент за одговорноста на ЕК кон демократски избраните претставници на ЕУ. Таа промовира поголема транспарентност и демократија во ЕУ.







