Ердоган: Геноцидот во Газа добива сериозни димензии
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во обраќањето до нацијата по повод муслиманскиот празник Рамазан Бајрам изјави дека месецот Рамазан во Турција поминал со чувство на горчина поради израелскиот геноцид во Појасот Газа, кој „достигнува посериозна димензија“, објавија денеска турските медиуми.
„Како Турција, ние јасно ја изразуваме нашата позиција против оваа бруталност на Израел и се обидуваме да им помогнеме на нашите браќа да си ги залечат раните. Нема да попуштиме пред оние кои сакаат да го саботираат зачувувањето на територијалниот интегритет на Сирија и да продолжат да шират нестабилност на нашите јужни граници“, рече Ердоган.
Зборувајќи за ситуацијата во Турција, Ердоган рече дека продолжува работата на проектот „Турција без тероризам“, укажувајќи дека глобалната, регионалната и внатрешната динамика даваат подобри можности од кога било досега за успешно завршување на овој процес.
„Нашата земја го направи тоа што мораше и упати апел за мир. Сега на ред се другите организации да го прифатат нашиот апел и да го положат оружјето без дополнително одлагање“, додаде Ердоган.